Партијата Движење ЗНАМ – За Наша Македонија ја одбележа втората година од постоењето.
На прославата пред присутните 400 гости, пријатели на ЗНАМ, сопартијци, обраќање имаше претседателот на Движењето, Максим Димитриевски.
– Одбележуваме почеток на еден поинаков пристап во политиката во нашата земја и знам дека сме на вистинскиот пат Македонија да ја направиме поубаво место за живеење, рече Димитриевски.
Тој нагласи дека ЗНАМ е континуитетот на она што Македонија ја прави држава на македонскиот народ и сите граѓани кои живеат во неа од Крушево до АСНОМ и потоа.
Навраќајќи се на почетоците на Движењето, Димитриевски рече дека приказната којашто се започнала во Куманово се проширила низ државата и се заокружила, во Скопје, со основањето на партијата – Движење ЗНАМ –За Наша Македонија.
„Создадовме политички субјект во кој се обединија луѓе за кои етиката, моралните норми, чесноста и посветеноста се дел од секојдневното делување и животот во целина. Разработивме нови политики коишто ги преточивме во Програма со конкретни решенија и тоа им го понудивме на граѓаните. И денес, одбележувајќи го вториот роденден, можеме со задоволство да констатираме дека Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија е политички субјект кој е препознаен и етаблиран на македонската политичка сцена, со членство кое постојано расте и има стабилна партиска инфраструктура во 53 општини во Македонија и градот Скопје“, нагласи тој.
Димитриевски рече дека во ЗНАМ членуваат граѓани од различна политичка провиниенција и идеологија, од различна етничка и верска припадност, што покажува дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е партија која обединува.
Тој истакна дека со освојувањето на шест пратенички мандати ЗНАМ стана фактор на стабилност кој не дозволува уцени во владеењето.
„Влеговме во Владата врз база на нашата Програма која стана дел од Владината Програма. Ја презедовме одговорноста. Побаравме и добивме одговорни ресори, Министерството за правда и Министерството за јавна администрација. Нашата цел не беа фотелјите, нашата цел се резултатите. Реформите во овие ресори, кои се од голема важност за функционирањето на целата држава се спроведуваат, проблемите се решаваат“, потенцира во својот говор Димитриевски.
Тој се осврна и на локалните избори 2025 година и нагласи дека Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија успешно ја реализирало зацртаната цел со освоени 39 илјади гласови на советничките листи и 44 советници во општините и градот Скопје, како и градоначалничко место во Куманово.
Димитриевски рече дека ЗНАМ чекори во вистинската насока и ги остварува програмските цели, при што ги реафирмираше петте главни столба на кои се темели политиката на партијата:
1. Интеграција на Република Македонија во Европската Унија.
2. Република Македонија како современа, демократска, модерна, европска држава, втемелена на илинденските и на асномските вредности.
3. РепубликаМакедонија како самоодржлива држава.
4. Република Македонија како држава што испорачува правда за сите граѓани, која промовира нулта толеранција кон политичкиот криминал, корупцијата и ефикасна борба против организираниот криминал.
5. Стабилни меѓуетнички односи како столб на македонската држава.
„Тие се меѓниците кои ја дефинираат Македонија како национална држава на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во неа, припадници на различни етнички заедници. Нашата заложба Македонците, како народ кој ја основал оваа држава, да не се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава, полека, но сигурно се реализира и неправдата што ја имаше во изминатите години се исправа“, појасни тој.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски се осврна и на членството на Македонија во НАТО, како гарант на мирот и стабилноста на државата и нејзиниот територијален интегритет и безбедносен интегритет.
„Дозволете ми да нагласам дека нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави и односите што ги имаме со нив се од исклучително значење за нас и се надеваме дека ќе се продлабочуваат, бидејќи се покажа дека секогаш можеме да сметаме на нивната помош и поддршка“, нагласи тој.
Димитриевски потенцира дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија не отстапува од определбата за членството во Европската унија. При тоа, како што рече, мора да се зачуваат достоинството и националните интереси на државата.
„Во Европа да, но со зачувани достоинство и самобитност. Во Европа да, но со високо крената глава, како и сите други“, нагласи тој.
Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски се осврна и на работата што треба да се заврши дома за да се постигнат целите надвор. Како еден од факторите за тоа, тој ја посочи внатрешната сплотеност и единство помеѓу сите политички чинители во земјата, за што Движењето подготви Национална Платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии.
„Во ЗНАМ сеуште сметаме дека има време Македонија да се обедини и да се врати на Крушевските и АСНОМ-ските принципи. Само како средена, стабилна, праведна и модерна држава, со економски развој, со доверба во институциите нашиот пат е сигурен и безбеден и ќе може да имаме успех дома, но и на меѓународната сцена“ рече претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски обраќајќи се на одбележувањето на втората година од основањето на партијата.
