Средното стручно образование е поатрактивно за упис на идните средношколци, отколку гимназиското. Во првиот уписен рок за учебната 2024-2025 година соодносот на запишани ученици е околу две третини, наспроти една третина, односно 73,8 отсто се запишани во стручните училишта, а само 26,2 отсто во гимназиите во земјава.
-Во двете пријавувања вкупно се запишаа 15.481 ученици, од кои 11.428 ученици во стручно и 4.652 во гимназиско образование, велат за МИА од Министерството за образование и наука (МОН).
Анализите и податоците на Центарот за стручно образование и обука покажуваат дека неколку години наназад за учениците примамливо е дуалното образование, со кое е предвидено освен теорија и практична настава во компаниите, образование кое го бара домашниот бизнис сектор, но и европскиот пазар на труд. Директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари лани на 31 мај во изјава за медиумите во Штип посочи дека 69 проценти од учениците во прва годинава во земјава за учебната 2023-2024 година се запишани во стручните училишта.
Но, поголем дел од родителите и средношколците запишани во стручните училишта веќе се со планови, по добиената диплома за машински електро-техничар, келнер, готвач, медицинска сестра, забен или фармацевтски техничар, физиотерапевт да заминат во странство.
Кристина П. родител на Никола, кој во првиот уписен рок се запиша во едно од стручните училишта во Штип за МИА вели дека нејзиниот син го избрал стручното образование, бидејќи по четири години веднаш може да се вработи во земјава, но и во странство. Нејзиниот сопруг и поголемото дете веќе работат во Хрватска, таму живеат околу три години.
-Јас сум шивачка, работам на машина, откако Никола ќе заврши средно планираме и ние двајцата да заминеме во Хрватска, каде што без проблем ќе најде работа на неговата струка. Но, здрави и живи да сме, засега имаме такви планови. Доколку нешто се промени, во наредните четири години, Никола ќе има диплома со којашто и тука полесно ќе најде работа, вели Кристина.
Директорките на средните стручни училишта во Штип, Јованка Шалева и Марија Николиќ велат дека според бројот на запишани ученици годинава ќе ги формираат сите паралелки. Шалева која е директорката на регионалниот електро-машински училишен центар „Коле Нехтенин“, кое е и најголемо стручно училиште во Брегалничкиот регион за МИА изјави дека оваа година на Конкурсот за 254 слободни места се пријавија и се запишаа 230 ученика. Ова училиште веќе има и соработка со бизнис секторот, каде што се реализира практичната настава.