Советниците од Општина Карпош на денешната седница на Советот, го поддржаа предлогот на градоначалникот Стефан Богоев, со кој локалната самоуправа ќе им отстапи три јонизатори (прочистувачи на воздухот), на две претшколски установи кои функционираат на територија на општината. Клонот на градинката „Орце Николов“ во Карпош 2 ќе добие еден, а клонот на градинката „Мајски Цвет“ во Тафталиџе 2 ќе добие два јонизатори за воздух, кои ќе ги користат на неопределено време.
Во рамки на седницата, советниците го поддржаа предлогот на првиот човек на Општина Карпош, со кој локалната самоуправа ќе обезбеди финансиска и материјална помош за три семејства од населбата Злокуќани, чии домови вчера ги зафати голем пожар. На двете семејства кои претрпеа огромна материјална штета, Општината ќе им обезбеди парична помош, а за третото ќе обезбеди градежни материјали, бидејќи се работи само за опожарување на покривот на куќата. Со цел да им помогне на своите сограѓани, Општина Карпош исто така ќе повика повеќе компании и приватни стопанственици, да се приклучат кон апелот за помош на семејствата, чии домови настрадаа во синоќешниот пожар.
Во продолжение на седницата, поради стапување на јавна функција – директор на Ј.П „Водовод и канализација“ – Скопје, советниците утврдија престанок на мандатот на Душко Весковски, како досегашен член и претседател на Советот на Општина Карпош. Отсега, функцијата претседател на Советот ќе ја извршува Андреј Манолев, а Елена Антониевиќ е именувана за нова советничка.
Претседателот на Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избори и именувања, Филип Даскаловски, ги предложи а советниците ги изгласаа новите претседатели и членовите на десетте Комисии кои функционираат во рамки на Советот на Општина Карпош. Со иста динамика беше усвоен и Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош, за периодот од 1. јануари до 30. септември 2017 година.
Мнозинството советници, дадоа согласност за измена на Статутот на Јавната установа, ЈУОДГ „Пролет“ – Скопје, како и за измена на Статутите на Приватни установи за детските градинки „Весела Дружина“ – Скопје и „Светот на Колорес“ – Скопје.