Две децении дипломатски односи Македонија-Турција

Од:

Во Министерството за надворешни работи денеска со свечена програма ќе биде одбележана 20-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

По тој повод ќе се одржат пленарни разговори меѓу делегации на двете земји, а министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Турција, Никола Попоски и Ахмет Давутоглу, ќе дадат изјави за медиумите.

Шефот на турската дипломатија Давутоглу почесен доктор на науки на УКИМ

По предлог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ синоќа на свечена седница на Универзитетскиот сенат му додели титула почесен доктор на науки (doctor honoris causa) во областа на меѓународните односи на проф. д-р Ахмет Давутоглу,  министер за надворешни работи на Република Турција.

Професор д-р Борче Давитковски декан на Правниот факултет во Скопје ги изложи биографските податоци, научниот опус, професионалната дејност и општествен ангажман  на Давутоглу.

– Овој чин на свечена промоција на проф. д-р Ахмет Давутоглу за почесен доктор на науки на нашиот Универзитет  е израз на соработката на нашите пријателски земји, а посебно во областа на образованието. Овде ја нагласувам и соработката на нашиот факултет со правните факултети на универзитетите во Република Турција, рече Давитковски.

Давутоглу истакна дека му претставува задоволство и чест што ја добива оваа награда.

– Се чувствувам интелектуално и духовно дел од овој Универзитет. Ова е специјално за мене бидејќи Скопје е мојот град од соништата, од детството до сега. Скопје е интелектуаелен и културен центар не само на Балканот, туку на Европа и на нашата заедничка култура, рече Давутоглу.

Во своето обраќање тој се задржа на важноста и мисијата на образованието, на универзитетите, на значењето на титулата професор, на односот со студентите. Потсети на историјата на регионот, на Балканот и повика на толеранција, почитување на идентитетот, културата и религија.

– Македонија е мојот втор дом. Ја поддржуваме Македонија во спорот со името секаде во светот. Не само што сме и пријатели, туку се чувствуваме и како да сме од Македонија. Имаме толку многу врски и блиски пријателста. Ова ви го кажувам од длабината на моето срце, рече Давутоглу.

На доделувањето на титулата присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, вицепремиерката Теута Арифи, министрите Панче Кралев и Хади Незир, ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, декани, професори од УКИМ и студенти.

Шефот на турската дипломатија вечер ќе има средба со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Тој ќе престојува и утре во Скопје и ќе има средби со премиерот Никола Груевски, со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Ахмет Давутоглу е доктор по политички науки и меѓународни односи и поранешен универзитетски професор.

Би можело да ве интересира

Ердоган: Ја потврдувам непоколебливата поддршка на Турција за кипарските Турци

Турската полиција денеска уапси најмалку 250 граѓани кои протестираа во Истанбул

28 патници се повредени при превртување на автобус во Турција

Клучните сообраќајни правци во Истанбул се затворени поради засилени безбедносни мерки

Ердоган: Турција и Италија ќе продолжат да ја зајакнуваат соработката во областа на одбранбената индустрија

Закрепнуваат Мартин и Борис, последните двајца од повредените во пожарот во Кочани кои се лекуваат во Истанбул