Денеска се навршуваат 12 години од потпишувањето на Рамковниот договор со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот.
На 13. август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љупчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.
Преговорите за Охридскиот рамковен договор се одвиваа во Вилата „Билјана“ во Охрид во јули и во август 2001 година, и во нив покрај потписниците учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе експерти меѓу кои професорите на Правниот факултет во Скопје, Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.