Душко Стојановски: Родители, ајде сите заедно во еден широк граѓански фронт за одбрана на нашите деца!

Од:

Професорот Душко Стојановски од гимназијата „Орце Николов” упати писмо до родителите на средношколците за начинот на кој се водат преговорите во МОН.

Писмото ви го пренесуваме во целост.

Родители, ајде сите заедно во еден широк граѓански фронт за одбрана на нашите деца!!!

Ви се обраќам токму вам зашто се доближивме до работ. Зашто вие сте најповиканите, најзасегнатите. Зашто, покрај децата вас најмногу ве боли. Веќе четврта недела вашите деца страдаат, водејќи битка со суровоста, со игнорантството. Битка за достоинство и почит, за праведност и рамноправен третман. Се бореа за разговор, за човечка комуникација. Го дочекаа разговорот, но што добија?? Потценувачки однос и психолошки игрички што треба да откријат кои се нивните точки на кршење. Зарем не го забележавте говорот на телото на господинот Пешевски додека искажуваше загриженост за безбедноста на децата кои се решија да кампуваат пред МОН? Телесен говор и гестика од кои претекуваше бездушна нетрпеливост што едвај се задржува да не премине во насилство.

Токму затоа РОДИТЕЛИ вие треба да стапите на сцена. Дојдете сите во училиштата каде што учат вашите деца. Преку родителските совети, силно притиснете ги училишните директори и нас наставниците. Нас, луѓето на кои сте им ги довериле своите деца. Притерајте не до ѕидот. Барајте итно да се формира група составена од Директорот на училиштето, два до три професори и четири до пет родители. Барајте под итно ваквите групи од сите училишта меѓусебно да се спојат, но секогаш РОДИТЕЛИТЕ да бидат побројни, осетно побројни. Нложете таквите групи да дојдат во МОН и да се сместат во фоајето со изричен и непоколеблив став дека нема да го напуштат се` додека Средношколскиот Пленум ( и тоа во поширок состав, а не само по тројца како досега) и тимот на МОН не најдат заеднички јазик. Да покажеме дека сите се грижиме за децата, за нашата иднина.

Во нормални демократски земји ова би одело по обратен редослед, ова би било на наставниците и директорите. Директорите на училиштата, професорите и министерството, одговорно би се соочиле со евентуалниот проблем и заеднички со учениците би изнашле решение. Но за жал, нашата реалност е друга. Затоа децата го покренаа ова мртвило. Сега е нашиот ред. Ајде родители, време е да покажеме дека силата е во искреноста, во грижата за другите, во заедништвото! Да покажеме дека ја сфаќаме сериозноста на моментот! Да ја сочуваме одважноста што пламти во очите на нашите деца. Да ја сочуваме надежта што ги грее нивните срца, ајде заеднички да зачекориме во ГРАЃАНСКИОТ ФРОНТ ЗА ОДБРАНА НА НАШИТЕ ДЕЦА!!

Професор Душко „Орце Николов”

Би можело да ве интересира

Средношколците ќе ги добијат бесплатните билети во матичните училишта

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

Средношколците за време на летниот распуст може да користат бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП

Средношколците ќе учат до 10-ти, a основците до 17 јуни, ќе се одлучува како ќе се надоместат двете неработни среди за изборите

Преполовен бројот на новите средношколци во Струмица

Гимназиите веќе не се најпривлечни за учениците