Духовната ризница на Марковиот манастир „Свети Димитрија“ деновиве е збогатена со мошти од света Елисавета Руска и од 44 монаси маченици од манастирот Лавра во Палестина, кои пострадале за Христовата вера со маченичка смрт, од страна на Арапите.
Марковиот манастир „Свети Димитрија“ се здоби со моштите од овие светители при последното поклоничко патување на игуменијата Илијана во Австралија. Игуменијата Илијана, заедно со една од сестрите, го посетија рускиот скит посветен на Свети Јован Крстител, каде што моштите беа подарени на Марковиот манастир, од страна на старецот Јоаким, монах со австралиско потекло.
Во близина на скитот, монахињите ја посетија пештерната ќелија на старецот Гури, основачот на скитот, како и женскиот руски манастир посветен на Казанската икона на Мајката Божја, каде што ги пречека игуманијата Марија.
На вчерашната неделна Божествената Литургија во Марковиот манастир, верниците имаа можност да се поклонат на моштите на светителите.
Светите мошти ќе бидат изложени во параклисот на Светиот Апостол и Евангелист Марко, вброени во богатството од мошти на светители во Марковиот манастир, кое се зголемува и е достапно на сите верници.