Државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ престојува во работна посета на Романија каде имаше средба со својот романски колега Мирчеа Душа, а беше примен и од романскиот министер за одбрана Михаил Виорел Фифор. Министерот Фифор го поздрави договорт со Грција нарекувајќи го историски, и ја потврди силната романска поддршка за членството на Македонија во НАТО.
На средбата со романскиот државен секретар Мирчеа Душа, беа разменети мислења за актуелни прашања од областа на одбраната, НАТО, како и од доменот на билатералната и регионалната соработка меѓу двете земји.
Државниот секретар Николиќ ги поздрави пријателските релации со Романија и зајакнатата соработка во сферата на одбраната, ги претстави реформите во одбраната, прогресот во изработката на новиот Стратегиски одбранбен преглед се заблагодари за искажаната романска подготвеност за помош во фазата на негова имплементација. Дополнително, Николиќ информираше и за придонесот на АРМ во мировни операции.
Државниот секретар Мирчеа Душа информираше за актуелните случувања во НАТО во контекст на структурата и командната компонента, се осврна на романската перспектива за Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и ја поздрави билатералната соработка во одбраната меѓу министерствата за одбрана на Романија и на Македонија како и соработката во регионалните иницијативи поддржани од двете земји.
Делегацијата од Министерството за одбрана предводена од Државниот секретар учествуваше и на пленарна експертска средба во романското министерство за одбрана на која имаше можност за размена на мислења за актуелната безбедносна ситуација во Црноморскиот регион и регионот на Западен Балкан а имаше и детален брифинг за романското искуство на земја домаќин на Главниот штаб на Мултинационалната бригада на југоисточна Европа (SEEBRIG).
Во рамките на работната посета, државниот секретар Николиќ ќе го посети и поранешното седиште на Главниот штаб на бригадата SEEBRIG во Констанца, а во контекст на подготовките на Република Македонија за земја домаќин на Командата на Бригадата од 2020- 2026 година.
Работната посета се остварува на покана на романската страна и е дел од активностите на Министерството за одбрана за зајакната билатерална соработка како и соработка во регионален контекст.