Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик донесе Упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.
Со Упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај Јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк особено за
периодот на преклопување на двата изборни процеси.
За време на изборната кампања за Претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во Упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг.
За време на изборната кампања за Парламентарните избори, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање на реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.
За време на изборниот молк за Претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година, продолжува изборната кампања за Парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеси.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.
Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024 е достапно на веб страницата www.avmu.mk.