Дневниот центар за деца со аутизам во Скопје денеска доби донација во рамки на кампата „За хуманоста да стане навика“.
Со средствата од кампањата, на компанијата „Натусана“ се набавени оптички влакна, музички ракавици, базен со топчиња, трамбулина и други реквизити, што се користат за вежби за сензорна интеграција на децата што го посетуваат овој центар.
Од дневниот центар велат дека донираната опрема и реквизити се значајни за децата што го посетуваат Центарот и нивните секојдневни предизвици во адаптацијата на секојдневието.
– Потребите на дневниот центар се големи заради природата на нашата работа за која што мораме да нарачува специјални помагала од странство. Токму затоа, донираните реквизити во голем дел ќе ја олеснат и нашата работа, а пред сè ќе придонесат за подобра сензорна интеграција на нашите деца. Се надевам дека она што го започна Натусана ќе го следат и други компании, организации и граѓаните воопшто, затоа што децата со нарушен аутистичен спектар имаат посебна дарба да го доживеат светот, бараат поинакво внимание и пристап и наша задача е да им го овозможиме сето тоа“, вели Тања Мишовска Стојковска, раководител на Одделение за лица со пречки во менталниот или телесниот развој при Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје.
Од компанијата наведуваат дека кампањата „За хуманоста да стане навика“ успеа да ја подигне свеста на граѓаните за растечките потреби од дополнителни средства како на Центарот за деца со аутизам така и за останатите здравствени или социјално згрижувачки установи. Кампањата се спроведуваше во период од 4 месеци.