Компјутери, печатачи и скенери му донираше денеска Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) на Судскиот совет на Република Македонија.
Со ова, како што рече претседателката на Судскиот совет Александра Зафировска, продолжува досегашната поддршка од турската Влада преку ТИКА што веќе е реализирана во областа на судството преку обезбедување опрема за основните судови во Тетово и Гостивар, Апелацискиот во Скопје и Уставниот суд на Република Македонија.
– Можеби ова не претставува ништо за вас, но за нас е оргомна работа. Опремата што ја добивме значително ќе го подобри капацитетот на работењето на Советот, истакна Зафировска пред примопредавањето на донацијата.
Махмут Чевик од ТИКА нагласи дека поддршката од турската Влада ќе продолжи, не само во судството, туку и во останатите сектори.
– Турција минатата година беше трета земја во светот која преку обезбедување донации помага во развојот на други земји. Ваквата определба продолжува преку реализирање различни проекти, истакна Чевик.
Според ТИКА, донациите од турската Влада за македонските институции се мост за уште поголемо пријателство меѓу двете земји.