Република Полска донира 200.070 вакцини од производителот „Фајзер/Бионтек“ за македонските граѓани. Вакцините се складирани во Институтот за трансфузиона медицина.
„Во последните месеци живееме во натпросечно тешка ситуација предизвикана од коронавирусот, непријател кој ги напаѓа народите во целиот свет. Во тој контекст, сметам дека меѓународната соработка е од особена важност, бидејќи само со помош на меѓународната соработка можеме да се бориме со овој непријател. Ме радува тоа што за време на оваа официјална посета на Северна Македонија можам да предадам 200 илјади дози вакцини од производителот Фајзер, како донација за македонскиот народ“, изјави првата дама на Република Полска, Агата Корнхаузер-Дуда, упатувајќи апел за сите оние кои не се вакцинирани, да го дадат својот придонес за постигнување на колективен имунитет и да се вакцинираат.
Првата дама на Република Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, истакна дека оваа донација е уште една потврда за пријателството меѓу македонскиот и полскиот народ, но и чин на солидарност којшто ни е неопходен за време на оваа глобална криза.
„Во изминативе две години, верувам дека секој од нас имал некој во своја близина кој бил болен од Ковид. Верувам и дека голем број од нас загубија блиски луѓе, роднини, пријатели. Затоа, сметам дека со оглед на сите податоци коишто постојат и коишто ни се достапни, само вакцината е единствен излез од оваа ситуација. Би сакала да ги охрабрам сите кои немаат примено вакцина, заради себе, заради нивните блиски и заради сите во околината да ја примат што побрзо, бидејќи повторно се соочуваме со голем број заболени секојдневно. Само со вакцинацијата, односно со масовната имунизација ќе постигнеме излез од оваа криза“, рече таа.
Министерот за здравство, доктор Венко Филипче изјави дека овие две години покажале колку всушност се важни помошта и солидарноста од другите земји, истакнувајќи дека Полска е меѓу првите земји коишто го најавиле механизмот на солидарност и донација на вакцини.