Домашни „свиркачи“ сведочат во Брисел

Од:

ОЛАФ истражува дали македонски функционери земале мито за „Актор“?

Додека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција две години се мисли дали да поведе истрага за случајот со изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица, поради наводен сомнеж за корупција, тешка неколку милиони евра, европската институција ОЛАФ ја превзеде работата во свои раце. Официјално истражува дали дел од европските пари завршиле во приватни џебови на македонски функционери. Неофицијално дознаваме дека за овој случај во Брисел се пријавиле да сведочат и неколкумина пријавувачи или „свиркачи“, кои се осмелиле да зборуваат поради заштитата која ја добиваат со неодамна усвоениот Закон за заштита на укажувачите

Валентина Стојанчевска

На 8 септември 2012 година, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски и министрите Зоран Ставрески и Миле Јанакиески празнично ги „засукаа“ ракавите, па фрлајќи по една лопата асфалт ја стартуваа изградбата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица.
Оваа инвестиција, иако се однесуваше на одвај 28 километри асфалт, беше најавена како најголема до тогаш, бидејќи автопатите се слаба точка на вмровската влада, која од 2006 година успеа да изгради само седум километри, од Куманово до Табановце.
Но, уште пред да успеат да ја пресечат црвената лента, бидејќи на терен се уште се работи, големата инвестиција се претвори во голема корупциска афера, која од неодамна доби и меѓународни размери.
Имено, како што официјално ни потврдија од Европската канцеларија за истраги на измами со европските фондови (ОЛАФ), веќе отвориле истрага, односно проверуваат како македонската влада ги потрошила парите, од кои поголемиот дел ни беа дадени од европските фондови. Истрагата е отворена поради наводен сомнеж дека македонски функционери земале мито за зделката да се зацементира во рацете на грчката фирма изведувач, компанијата „Актор“.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДВЕ ГОДИНИ ГО ЧУВА ВО ФИОКА СЛУЧАЈОТ „АКТОР“

Но, покрај зацементираниот тендер, случајот со години не се поместува ниту во македонските надлежни институции, бидејќи наместо завршница, се уште се на почетокот.
Поточно, Управата за финансиско разузнавање, почна да ја чешла работата на грчката фирма уште од крајот на 2013 година. Оттаму во голема тајност и молк го истражувале случајот „Актор“, а за него јавноста слушна неколку месеци подоцна, кога СДСМ го обелодени наводниот криминал. Од партијата посочија дека дури 95 лица, повеќето грчки државјани, од сметките на „Актор“ во рок од 10 месеци извлекле 3,5 милиони евра во кеш, преку 278 трансакции. Според нивните информации, грчките државјани организирано со автобус доаѓале во Неготино и во присуство на директорката Атина Зиога го подигале кешот, а потоа, според СДСМ, тој кеш го оставале во земјава, бидејќи границите ги напуштале со празни џебови.

Откако овие информации излегоа во јавност конечно се огласи и републичкиот обвинител Марко Зврлевски кој посочи дека покренале предкривична постапка. Но, по само еден месец, Зврлевски истакна дека степенот на сомнеж бил на најниско ниво, па затоа сметката на фирмата беше одмрзната и таа продолжи со работата. Сепак, од обвинителството се правдаа дека случајот не е затворен, туку продолжиле да истражуваат. И, навистина се упорни, бидејќи и по две години се уште „истражуваат“. Како и во 2013 година и сега го добивме истиот одговор на прашањето во која фаза е истрагата за аферата „Актор“?
– Ве известуваме дека во предметот познат како „Актор“, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите неопходни предистражни дејствија. Во консултација и дадени насоки од негова страна, во периодот од 15 до 19 февруари годинава, Управата за финансиска полиција во рамки на своите надлежности соработуваше со Европската канцеларија за истраги на измами со европските фондови (ОЛАФ) во прибирање на потребниот доказен материјал, при што е обезбеден поголем дел од истиот, се вели во одговорот на Обвинителството.
На прашањето, пак, дали од ОЛАФ им побарале податоци или соработка, бидејќи и тие водат истрага, не добивме директен одговор.
-Со оглед на тоа што употребата на средствата од ИПА фондовите не се одвива без надзор од органите на ЕУ од самиот почеток на користењето, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во повеќе наврати има побарано податоци од ОЛАФ неопходни за понатамошниот тек на постапката, велат од обвинителството.
И додека ниту за две години не успеаја да проверат неколку банкарски транскации, ОЛАФ ја презеде работата во свои раце. Во меѓувреме и истражните органи во Грција отворија сопствена истрага.
„Грчка градежна компанија наводно понудила поткуп на официјални претставници од ПЈРМ за да го добијат договорот вреден 270 милиони евра за изградба на автопат во таа земја. Градежните работи на Демир Капија – Смоквица почнаа во септември 2012 година, а грчката компанија го доби договорот иако имаше значително повисока понуда од околу 40 милиони евра во однос на конкурентите. Вклучени се филијала на грчката компанија во поранешната југословенска Република Македонија и поединци од Грција. Во Грција прелиминарната истрага за перење пари и мито е во тек. Грција побарала правна помош од ПЈРМ во јуни 2014 година, а додека чека одговор на барањето, побарала помош да посредува европската Еуроправда“, се наведува во извештајот на ОЕЦД објавен лани.
Од Министерството за транспорт и врски, пак, тогаш возвратија дека постапката била транспарентна.

ОЛАФ: ВОДИМЕ ИСТРАГА ЗА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ!

Иако не споделуваат детали, од европската институција ОЛАФ, не е тешко да се претпостави дека истрагата ја насочиле кон Владата, или поточно кон Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, бидејќи тие го утврдуваат начинот на кој ќе се потрошат парите добиени од ЕУ.
-ОЛАФ може да потврди дека има истрага за случајот за кој прашувате „Актор“. Сепак, бидејќи истрагата е во тек, не можеме да дадеме било какви понатамошни коментари. Ова е со цел заштита на доверливоста на тековните и можните следни истраги, следните судски постапки, лични податоци и процедурални права. Фактот што ОЛАФ истражува не значи дека лицата/субјектите кои се вклучени сториле измама. ОЛАФ целосно го почитува начелото не персумпција на невиност и правото на одбрана на лицата опфатени со истрагата, вели за „Фокус“ Клаудија Ковер од Европската канцеларија против измами (ОЛАФ) на Европската Комисија.
Иако не откриваат детали, сепак, неофицијално дознаваме дека за овој случај се обезбедени и „свиркачи“, односно сведоци кои се спремни да сведочат во Брисел за наводната корупција. Доколку се отвори кривична постапка во Македонија, се очекува „свиркачите“ да се појават и на суд, повикувајќи се на Законот за заштита на укажувачите, кој стапи на сила на 18 март годинава.
Сепак, од европската институција не сакаат да откријат дали и колку укажувачи се понудиле за соработка, со цел нивна заштита.
– Не сме во состојба да одговориме на вашето прашање. ОЛАФ обично не коментира вакви прашања. Ова е со цел да се заштити доверливоста на лицата кои сведочат за измама, на можната истрага, на можните понатамошни постапки, како и да се обезбеди почитување на личните податоци и процедурални права, ни одговори Ковер.
Дека има граѓани кои се спремни да сведочат во Брисел за наводна злоупотреба на пари од европските фондови, неодамна информираше и белгискиот посредник Питер Ванхауте. Тој истакна дека има „свиркачи“ кои се подготвени да раскажат како до 40 отсто од парите во ИПА фондовите незаконски завршуваат во приватни џебови.
– Во прашање е многу голема корупција и можам да кажам дека дојавувачите на информации имаат волја да дојдат во Брисел и да сведочат за злоупотреба на европските фондови. Нема да се откажеме. Имаме свиркачи и ќе дејствуваме. Истрагата не е важна само за оваа држава, туку и за меѓународната заедница. Ние имаме право да знаеме каде и како се трошат нашите пари во оваа држава, изјави неодамна Ванхауте.
Од ОЛАФ ни потврдија дека во секое време можат да поведат истрага за тоа како Македонија ги троши парите кои ги добива од европските фондови, поради сомнежи за незаконско постапување, но без да откријат колку вакви истраги се активни во моментот.
– Доколку е потребно, ОЛАФ може да спроведе истрага во било која земја на која и биле доделени средства од ЕУ. Правната основа за тоа е утврдена во договорите потпишани меѓу дирекцииите или делегациите на Европската Комисија со соодветните изведувачи како што се приватни компании, владини и невладини организации, појаснуваат од ОЛАФ.

ПОЛОВИНА ОД ИСТРАГИТЕ НА ОЛАФ ФИНИШИРАЛЕ СО ОБВИНЕНИЈА

Во зависност од резултатите од истрагата, ОЛАФ на располагање има неколку опции, односно можат да одредат суспензија на идните средства, да побараат доделените пари да се вратат или да побараат кривична одговорност за вмешаните македонски функционери, која би се процесуирала преку нашите институции.
Малинка Ристевска – Јорданова, директорка на Институтот за европска политика појаснува дека ОЛАФ е тело кое спроведува истраги, но не изрекува казни. Откако ќе спроведе истрага, ОЛАФ издава извештај за предметот и дава препораки.
– Препораките можат да бидат од четири вида: финансиски, кои ги упатува до институциите, телата и агенциите на ЕУ или земјите членки кои ги доделуваат или управуваат средствата, за поврат на средствата; правосудни – ги упатува до националните тела на земјите членки и бара да земат предвид судски дејства; дисциплински – до телата на ЕУ кои имаат овластувања за дисциплински постапки против службениците на ЕУ; административни – до институциите, телата и агенциите на ЕУ за да се изнајде решение за некои проблеми во законодавството или постапката за поуспешна борба против измамите, вели Ристевска-Јорданова.
Таа додава дека ОЛАФ сè поконзистентно го следи спроведувањето на неговите препораки од државите членки, кои во рок од 12 месеци мора да го известат за преземеното.
-Значи, ОЛАФ не може да наложи каква и да е правосудна постапка, може само да препорача. Според Извештајот на ОЛАФ од 2014 година, во 53 отсто од предметите за кои ОЛАФ издал превосудна препорака до државите членки, биле подигнати обвиненија, вели Ристевска- Јорданова.
Нашата соговорничка појаснува и дека согласно регулативите за ИПА на ЕУ и рамковните спогодби склучени помеѓу ЕК и Владата, Македонија мора да ги почитува регулативите на ЕУ кои се однесуваат на заштита на нејзините финансиски интереси. Исто така, државата има обврска да дава информации на ОЛАФ, Судот на ревизори или Делегацијата на ЕУ и да соработува со нив. Телата на ЕУ ја известуваат државата за покрената истрага. Само по исклучок, телата на ЕУ можат да спроведуваат истрага и „во дискреција“.

– Национална контакт точка во Република Македонија за соработка со ОЛАФ е Управата на финансиската полиција. Доколку се утврди измама надлежното тело на ЕУ бара враќање на средствaта што биле проневерени, а може да се суспендираат дел од средствата на ЕУ – во нашиов случај ИПА. Секако дека и од држава кандидат, како и од државите членки, се очекува да дејствува согласно со препораките издадени од ОЛАФ, децидна е директорката на Институтот за европска политика.

СОМНИТЕЛЕН Е ИЗБОРОТ НА ИЗВЕДУВАЧОТ И ВИСИНАТА НА ЗДЕЛКАТА

Европските истражители кои работат на случајот „Актор“, се очекува да прочепкаат како фирмата изведувач победила на тендерот и дали добиената цена е реална. И тука, веднаш ќе наидат на неколку сомнителни елементи, кои засега не ги воочи македонското обвинителство.
Поточно, вкупната инвестиција за изградба на ова делница од 28 километри е 257 милиони евра од кои 130 милиони евра се средства од Европската инвестициона банка, 70-тина милиони се заем од Европската банка за обнова и развој, 45 милиони се грант од ИПА фондовите на ЕУ, додека од државниот буџет се обезбедени речиси шест милиони евра. Вредноста на тендерот, договорот, со грчката компанија без ДДВ е 210 милиони евра, односно 248 милиони со ДДВ.
Нејасно е зошто Владата избра толку висока понуда, бидејќи во 2007 година, на владина седница, беше презентирано дека автопатот ќе биде во должина од 26,8 километри и ќе чини 155 милиони евра, или за 100 милиони евра помалку!?
Тогаш директорката на Фондот за магистрални и регионални патишта, Наташа Валкановска, истакна дека имало две алтернативи за изградба на автопатот. Едната варијанта била да се гради од левата, а втората од десната страна на Вардар. Но, Владата се одлучила за автопат од десната страна на реката, затоа што била поевтина за 50 милиони евра и затоа што рокот за изградба на делницата бил за три години пократок.
Она што е интересно е дека во 2004 година мандатарот Владо Бучковски, во првото обраќање пред пратениците во својство на премиер, изјавил дека овој автопат, но во должина од 34 километри, ќе нѐ чини околу 150 милиони евра. Додека во медиумите, пак, во тоа време се шпекулирало оти странски компании се понудиле да ја изградат истата делница, односно да вложат 100 милиони евра, а потоа да ја земат под концесија. Меѓутоа, подоцна власта, на чело со ВМРО-ДПМНЕ одлучува да ја смени трасата и да го заобиколи Валандово, со што ќе добиеме автопат пократок за шест километри, но поскап за речиси 120 милиони евра!
Покрај сомнителниот вртоглав раст на инвестицијата, „матен“ беше и изборот на изведувачот, кој се бираше половина година. На распишаниот тендер за избор на изведувач на градежните работи беа пријавени 15 странски компании и конзорциуми. Иако италијанската компанија „Тото“ имаше понуда од 182 милиони евра, за најповолен изведувач сепак беше избрана грчката компанија „Актор“, чија што понуда беше повисока. Италијанската компанија излезе од конкуренција бидејќи во ек на тендерот, наеднаш се сменија условите за избор на најповолен понудувач. Престана да важи условот компаниите кои конкурираат да имаат реализирано сличен проект вреден 250 милиони евра, или најмалку 60 отсто од проект чија вкупна вредност исто така е 250 милиони евра. Според новиот услов се воведе построг критериум, односно изведувачот треба да докаже дека реализирал проект тежок над 250 милиони евра, односно 250-те милиони да се 60 отсто од неговата вкупна вредност. Со ваквиот услов практично се елиминираше понудата на „Тото“.

ЌЕ СЕКНАТ ЛИ ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ ВО МАКЕДОНИЈА?

По потпишувањето на договорот, грчката компанија почна со работа, а набрзо СДСМ обвини за криминал во работењето на градежната компанија. Од партијата тврдеа дека во период од околу една година (од 2013 до 2014), секој месец меѓу први и десетти со автобус во Македонија влегувале грчки државјани и се упатувале во Неготино во тамошната филијала на Стопанска банка. Оттаму ваделе пари кои им ги префрлала „Актор“ по основ на хонорар, а сомнежот на опозициската партија беше дека никој од нив не бил ангажиран да работи на автопатот.
Од вкупно 278 трансакции преку кои, наводно, во текот на една година биле извлечени 3,5 милиони евра од грчката компанија, дури 79 се случиле на 5 декември 2013 година, или речиси еден месец подоцна откако Управата за финансиско разузнавање отворила предмет по добиените првични сознанија, бидејќи од таму информираа дека предметот го отвориле на 11 ноември. По овој датум од „Актор“ биле извадени повеќе од 1,2 милиони евра од оние вкупно 3,5 за кои СДСМ се сомнева дека завршиле во нечии (приватни) џебови.
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на пресовите тврдеше дека
оти Грците, веднаш штом ќе ги изваделе денарите, ги заменувале во евра во истата банка и таму, на самото место, ѝ ги давале на сметководителката на „Актор“, Атина Зиога. Потоа излегувале од државава без кешот.
Иако опозициската партија му сервираше богат материјал за истрага на македонското обвинителство, сепак тие засега се уште не гледаат незаконско работење или криминал. Но, она што е очигледно е дека очите широко ги отворија од ОЛАФ, кои тргнаа да ги чешлаат доказите.
Покрај официјалната истрага за „Актор“, оваа европска институција пред неколку години ја чешлаше и работата на Агенцијата за европски образовни програми, односно се истражуваше како беа потрошени дел од парите што ЕУ ги префрли на сметката на агенцијата. Истрагата финишираше со одлука за двогодишно замрзнување на европските пари за оваа агенција, а во Македонија, како што е обичајот, никој не се најде повикан за да спроведе истрага. Ако и овојпат надлежните институции ги игнорираат препораките, се поверојатно е дека за Македонија ќе се затвори европската каса. А, без парите од неа, не сме во состојба да асфалтираме ниту еден километар селски пат, не пак автопат.


Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.

Би можело да ве интересира

Мицкоски, Муцунски и Муртезани во Брисел

Бесиан Ахмети, внукот на Али Ахмети, отповикан од амбасадата во Брисел

A1on

Белгија протера руски дипломати

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Хаос во Брисел: Земјоделците палат гуми и фрлаат измет кон полицијата

Пукање во центарот на Брисел: Четири лица се повредени

Горан Наумовски

Нови детали за терористичкиот напад во Брисел