Прилепските инфектолози ѝ станаа познати на јавноста откако беше објавено дека 85-годишна жена е излечена од коронавирусот, којашто, воедно, била најстариот пациент на Инфективното одделение во градот. Еден од нив е и Мирјана Крстеска, која за „А1он“ раскажа како минува низ периодот откако е прогласена пандемија поради вирусот. Таа вели дека заедно со колегите не се бестрашни херои и дека се свесни за ризикот да се заразат од коронавирусот, но потенцира дека борбата со него е нивна задача и ќе останат со пациентите сè додека не се излекува и последниот.
„Работата со пациенти заразени од коронавирусот на почетокот и нам ни предизвикуваше страв. Кога некои колеги се откажаа, ние како инфектолози рековме дека мора да работиме. Имаме волја да помогнеме. Не сме бестрашни херои, можеме да се заразиме. Но, тоа е наша професионална задача. Не бевме навикнати, ни беше тешко да ја облечеме заштитната опрема. Сè е тешкотија додека да влезе во рутина. Поддршка добивам со оздравувањето на секој пациент. Тоа е најголема мотивација за да се продолжи понатаму“, вели Крстеска за „А1он“.
Докторката заедно со уште двајца колеги инфектолози секоја трета вечер ја поминуваат дежурајќи на работа заедно со пациентите кои се хоспитализирани на одделението. Крстеска вели дека за неа несфатливо е доктор да одбие да биде во контакт со пациент само поради тоа што тој е заразен со коронавирусот. Таа смета дека вирусот нема да прескокне ниту едно одделение, што се увидело и од досегашната пракса.
„Моментално се тројца доктори. Секоја трета вечер дежураме по 24 часа, а за тоа време носиме заштитни маски, ракавици, визири, скафандери. Помош од други доктори добиваме само телефонски, имаме добра соработка со колегите од лабораторијата каде што праќаме крвни анализи, како и со трансфузиологија, епидемиолозите и рендгенолозите, со интернистите, пак, соработуваме телефонски, иако некогаш е подобро да го видат пациентот, тие тоа го прават во исклучителни ситуации. Ние сакаме да соработуваме со сите, ова е заедничка борба. Од голема поддршка ни се колегите од Инфективната клиника во Скопје, со кои постојано се консултираме околу пациентите, како и терапиите“, раскажува докторката.
Освен професионалниот, промени претрпел и приватниот живот на доктор Крстеска. Таа по враќањето од болницата, принудена е и дома да носи маска бидејќи живее со стари лица, како и деца. Крстеска вели дека можеби е смешно, но тоа е реалноста, како последица на стравот.
„Искрено кажано, постои страв дека можеме вирусот да го пренесеме дома. Се дезинфицираме, миеме, униформите ги переме на работа, облеката не ја мешаме со работната, темелно капење. Постои страв кај пријателите, еве, можам да кажам дека никој ми нема дојдено на гости. Немам време за такво нешто, но, сепак, тоа е последица на стравот. Мојот професионален ангажман влијае и врз сопругот. Кога јас бев на тестирање, него не го примаа на работа додека не добив негативен резултат. Кај народот има страв, но има и зошто. Ние, докторите, сме навикнати на тоа дека сме изложени на ризик“, вели Крстеска.
Најтешките моменти доктор Крстеска ги има со нејзината мајка, која боледува од Алцхајмерова болест, а поради можноста да биде преносител на болеста, таа нема контакт ниту со нејзината свекрва.
„Мојата мајка боледува од Алцхајмер и не може да прифати доколку не отидам да ја посетам. Тоа не ѝ делува добро. Сега, неубаво и е ако не отидам, а страв ѝ е ако отидам. Живеам со свекрва ми, но со неа работи сопругот. Сè ова е со цел да ги заштитиме нив“, кажа Крстеска.