Нацрт-законот за заверка на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за партнерство за остварување на инфраструктурни зафати денеска е ставен на дневен ред на собраниската Комисија за надворешна политика, како и на 52. пленарна седница.
По постигнатиот договор за стратешко здружување со Обединетото Кралство меѓу премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стамер, што го соопштија на средба во Тирана на 18 мај, одржана во склоп на Самитот на Европската политичка заедница, македонската Влада на седница на 20 мај го одобри текстот на Спогодбата со кој е утврдено партнерство за остварување на инфраструктурни проекти, а Предлог-законот за негова заверка вчера беше доставен до Собранието.
Целта на Спогодбата, која ќе трае 10 години, е да воспостави здружување за поддршка на реализација на инфратсруктурни проекти, во секторите, транспорт, здравство, технологија, енергетика и други значајни сектори во Република Македонија.
Планираните зафати со Спогодбата се изградба и реновирање на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија кој приближно како што изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Никооски, би требало да чини околу милијарда и 900 милиони евра до две милијарди евра, како и изградба на Клиничката болница, Медицински факултет и Студентски дом во Штип, целосно реновирање на Клиничката болница во Тетово и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево, околу 200 милиони евра.
Областите на соработка се наведени во Анекс А, каде стои и дека ќе се остварат и програми за развој на транспортниот Коридор 8, за развој на капацитети за сајбер сигурност и дигитална трансформација на Владата, како и за развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.
Во текстот на објавениот Договор стои дека покрај првичната група проекти се наведени во анекс А, а можат да се вклучат и други проекти доколку така одлучат учесниците.
Во член 2, каде е уредена програмата за финансирање, е наведено дека учесниците ќе работат заедно за да пронајдат можности за финансирање проекти, вклучително и од Инструментот на Обединетото Кралство за финансирање на извозот. Преку тој инструмент за државава се ставаат на располагање 5 милијарди фунти или 6 милијарди евра за реализација на проекти. финансирање кое ќе оди исклучиво со реализација на проекти.
Во член 4 е дефинирана доверливоста на договорот, каде е наведено дека размената на информации е предмет на одредби: учесниците можат да ги користат информациите само за намени во поддршка на овој договор и ќе ја чуваат доверливоста на информациите разменети меѓу нив, во случаи во кои кој било од учесниците е законски обврзан да открие информации согласно важечкото законодавство или според судска наредба или заради друга причина, меѓу себе треба да се известат пред да ги откријат информациите.