Договорена соработка со реномирани медицински центри во Чикаго

Од:

Владината делегација преводена од премиерот Никола Груевски, во која е и министерот за здравство Никола Тодоров, вчера посети три реномирани медицински центри во Чикаго, САД, Универзитетскиот медицински центар РУСХ, Медицинскиот центар на Универзитетот Илиноис и Северо-западниот медицински центар.

Во рамки на посетата, владината делегација имаше средба со менаџерските тимови на медицинските центри, при што беа потпишани меморандуми за соработка со Универзитетскиот медицински центар РУСХ и Медицинскиот центар на Универзитетот Илиноис, а со Северо-западниот медицински центар во Чикаго се оствари почетна соработка во која беше договорено тимови од двете страни да работат на создавање основа за конкретизација на соработката.

Потпишаниот Меморандум со РУСХ, медицински центар кој во неколку сфери е меѓу водечките пет во САД, предвидува соработка во областа на едукацијата на македонски лекари во центарот во Чикаго. Македонските лекари ќе престојуваат одреден период во РУСХ и ќе бидат едуцирани за нови методи и специјалности во лекувањето на пациентите. Беше договорено првата група македонски лекари кои ќе бидат испратени на тренинг во Центарот да се од областите ортопедија, неврохирургија, педијатрија, радиологија и третманот на канцерни заболувања и инфектологија.

Меморандумот со Медицинскиот центар на Универзитетот Илиноис, покрај едукацијата на македонски лекари, предвидува и специјализирани посети на реномирани американски лекари на Македонија и изведување едукација на нашите доктори во македонските здравствени установи. Се предвидува можност и за соработка на ниво на универзитети помеѓу Универзитетот Илиноис и македонските универзитети во насока на едукација и профилација на медицински кадар.

Министерот Тодоров ја истакна значајноста на двостраниот процес на размена на искуства и едукација и во САД и во Република Македонија и посочи дека овие соработки ќе придонесат значително за нашите лекари.

– Она што ќе биде овозможено со овие меморандуми е наши доктори да доаѓаат на едукација во овие болници, но она што е исто така значајно е дека ќе се овозможи и американски доктори да доаѓаат во Република Македонија и да вршат едукација на медицинските лица. На овој начин инвестираме во човечкиот капитал кој е многу значаен за здравствената заштита, истакна Тодоров.

Директорите на медицинските центри од Чикаго изразија задоволство од воспоставената соработка и позитивни оценки за резултатите од неа.

– Предизвиците во медицината се глобални и одговорите на предизвиците се исто така глобални. На оваа соработка гледаме како на дел од одговорите, и како на добар договор, истакна Лери Гудман, директор на Универзитетскиот  медицински центар РУСХ.

– Универзитетот од Илиноис е почестен од тоа што ќе соработува со Македонија. Двете страни сме во оваа соработка во интерес на здравјето на нашите граѓани и во интерес на едукацијата на докторите, рече Џери Бауман, потпретседател на Медицинскиот центар на Универзитетот Илиноис и декан на Универзитетот за фармација.

Премиерот Груевски истакна дека оваа соработка ќе придонесе за македонските граѓани кои имаат потреба од медицински третмани и кои бараат специфика во постапувањето.

– Се работи за три многу силни и квалитетни болници, многу напредни болници во повеќе специјалности каде што лекарите познаваат и работат многу методи кои што кај нас се уште не се етаблирани или не се познати на нашите лекари и не се применуваат во Македонија, па така најчесто за такви методи пациентите од Македонија се испраќаат во странство и за тоа се плаќаат големи трошоци. Со воспоставувањето на оваа соработка и со тренингот кој што ќе биде завршен за нашите лекари практично во иднина ќе се анулираат трошоците за нашите граѓани кои имаат потреба да одат во странство и на побрз и поефикасен начин потребите ќе се завршуваат во Македонија, нагласи премиерот Груевски.

Владината делегација во текот на денешниот ден ќе посети медицински центри од Бостон.

Би можело да ве интересира

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски

Вработувањата на 1.117 лица во здравството не се предизборни, тие веќе работат по клиниките, тврди Ковачевски

Орце Костов

Ристески: Со одбивањето на амандманот од 20 милиони денари за подобрување на условите во Клиниката за радиотерапија и онкологија, власта покажа дека е против здравјето и животите на тие пациенти