Министерот за правда Аднан Јашари денеска им додели решенија на 130 кандидати кои го положиле испитот за постојани судски преведувачи.
– Од септември 2008 година до сега успешно беа спроведени 14 сесии. Испитот го положија 1.580 судски преведувачи за 24 странски јазици и јазиците на заедниците кои не се мнозинство во Македонија и тоа за албански, англиски, арапски, босански, бугарски, германски, грчки, италијански, кинески, полски, португалски, руски, романски, словенечки, српски, турски, украински, француски, холандски, хрватски, црногорски, чешки, шведски и шпански, рече Јашари.
Овие судски преведувачи, како што додаде, се распоредени во 27 основни суда во Републикава.
– На овој начин и Република Македонија ја подобрува состојбата на исполнување на критериумите на ЕУ во спроведувањето на повеќејазичноста и јавната употреба на јазиците, како утврдена политика на Унијата, рече Јашари.
Реформите во судството, како што истакна министерот, на планот на обезбедување на правото на судски преведувач со извршените измени во законите и подзаконските акти придонесоа да се добијат соодветно обучени преведувачи кои ќе ја извршуваат својата работа на најпрофесионален и одговорен начин.
До септември 2008 година, кога беше спроведена првата испитна сесија, статусот судски преведувач се стекнуваше без проверка на знаењето на кандидатите.