Црвениот Крст од Крива Паланка на свеченост по повод Светскиот ден на крводарителството – 14 јуни, денеска додели благодарници и значки за остварени крводарувања во текот на изминатата година на вкупно 35 крводарители од Крива Паланка и Ранковце.
На настанот, празникот на најхуманите, им беше оддадено признание преку значки и благодарници на крводарителите кои во 2017 година оствариле пет, 10, 25, 50 и 100 дарувања.
– Чест ни е што можеме јавно да ги истакнеме сите поединци и институции кои во минатата година дадоа најголем придонес на полето на крводарителството. Омасовувањето на крводарителството е задача на сите чинители поврзани во оваа општествена дејност и радува фактот што бројот на крводарители се зголемува и крвта се обезбедува од нови млади дарители, а не само од повеќекратни крводарители, истакна Дарко Пешовски, секретар на Црвен Крст – Крива Паланка.
Признание за најмногу дарувања од двете општини, сто крводарувања, доби Камберов Исман, значки за 50 дарувања крв добија, Игор Петровски и Цене Поповски, шест дарители оствариле 25, а значки беа доделени и за пет и десет крводарувања.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски и претседателката на Советот на општина Крива Паланка, Изабела Павловска.
Павловска упати честитки за постигнатите успеси во 2017 година на дарителите, хуманите граѓани и успешното реализирање на Годишниот план на Црвен крст, Крива Паланка, а локалната самоуправа на Крива Паланка додели и финансиска награда од за дарителите, 6.000 денари за остварени 100 и по 3.000 денари на дарителите со 50 крводарувања
Црвен Крст Крива Паланка повторно се вброи во најуспшените општински организации во Македонија на планот на крводарување за 2017 година, натфрлајќи го планот за крводарување од 711 единици крв, за дури 45,1 проценти, со вкупно остварени 1032 доброволни крвни единици.
Според секретарот на Црвен Крст-Крива Паланка, Пешовски, ова е доказ за уште еден голем успех со кој дарителите докажаа дека се луѓе со срце отворено за несебичноста и пожртвуваноста и дека во животот се водат од благородната идеја за помош на сите луѓе на кои им е потребна драгоцената течност.