ДКСК: Пратеници со станови во Скопје наплатувале патни трошоци за доаѓање на работа

Од:

Дваесет и тројца пратеници имале сопствени станови во Скопје или станови на име на членови на нивното потесно семејство, а сепак примале надоместоци за да користат автомобил во лична сопственост за да доаѓаат и да си одат од работа од местото на живеење до Собранието.

Ова го покажува анализата на Државната комисија за спречување на корупцијата, која ги прибирала податоците анализирајќи ги анкетните листови за имотната состојба на пратениците. Во анализата не се наведени имињата на пратениците со станови во Скопје, кои користат буџетски пари за автомобил за да доаѓаат и да си одат од работа.

Антикорупционерите пресметувале колку пари се одлеале во периодот од 2015 до 2019 година за патни трошоци за користење автомобил во лична сопственост за доаѓање и враќање од работа. Во овој период, на пратениците им биле исплатени вкупно 178.079.681 денари, или 2,8 милиони евра.

Инаку, според Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица, на пратеник во Собранието, претседателот, потпретседателот и членовите на Владата, им се обезбедува бесплатен превоз во железничкиот и патниот сообраќај во Републиката во сите правци.

Анализата на ДКСК покажува дека најмногу пари за патни трошоци им биле исплатени на пратениците во 2015 и во 2016 година и тоа:

  • Во 2015 година биле исплатени над 770 илјади евра;
  • Во 2016 година биле исплатени над 698 илјади евра;
  • Во 2017 година биле исплатени 512.000 евра;
  • Во 2018 година биле исплатени над 522 илјади евра евра;
  • Во 2019 година биле исплатени околу 390 илјади евра.

Правото на овој надоместок во 2015 година го користеле 90 пратеници, во 2016 година 88 пратеници, во 2017 година 86 пратеници, во 2018 година 76 пратеници и во 2019 година 75 пратеници.

„Намалувањето на исплатата на надоместокот е поради измената на Одлуката за висината на надоместокот во 2018 година, од 30 проценти на 20 проценти, но и на зголемувањето на бројот на пратеници кои  користеле закуп на стан“, се вели во анализита.

Па така, во периодот од 2015 до 2017 година само тројца пратеници од внатрешноста закупувале стан во Скопје, а во 2018 и 2019 година ова право го користат 15 пратеници.

Сепак, за антикорупционерите има недоследности во однос на донесената Одлука во која меѓудругото се предвидува дека за одреден пратеник да бара надоместок за закупнина на стан, треба да достави „лична изјава заверена кај нотар дека нема во сопственост или под закуп стан или куќа со површина од најмалку 80 квадратни метри во Скопје“.

„Не е јасно на кој начин е утврдено дека помалата површина од 80 м2  е услов за да може пратеникот да оствари правото за стан под закуп, и дали тоа значи дека ако има два стана до 75м2, пратеникот може да користи стан под закуп? Исто така со одлуката не е утврдено правото на максимална квадратура за изнајмување, а во зависност од тоа дали пратеникот живее сам или со семејство. Од договорите за закуп кои ни беа доставени видно е дека за различна квадратура се плаќа ист износ“, стои во анализата.

За намалување на патните трошоци на пратениците, за наменско и законско користење на буџетските средства и спречување на злоупотребите, комисијата предлага натамошно регулирање на оваа проблематика, односно консолдирање на законите, утврдување прецизни критериуми за користење на правата на наедоместоци и носење методологија за утврдување на надоместоците по сите основи.

Би можело да ве интересира

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

ГРЕКО бара испитување на имотот на пратеници и судии, како и правила за подароци за обвинителите

Орце Костов

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови

Џафери: Закажани се избори, не може да се потпишат колективни договори, протестите на универзитетите се за дневни политики