Џафери на конференција „Јадранско-јонски безбедносни предизвици“ во Тирана

Од:

Сè поголемата меѓузависност на националните економии, влијанието на Европската Унија и НАТО, како и влијанијата на глобализацијата, во значајна мера ги определуваат предизвиците, но и можностите за развој и безбедност на земјите од нашиот регион, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, во  обраќањето на регионалната конференција „Јадранско-јонски безбедносни предизвици“ која се одржува денеска во Тирана, Република Албанија.

Говорејќи на првиот панел на конференцијата, министерот Џафери ги посочи реформските зафати преземени во Република Македонија, конкретно во делот на одбраната и безбедноста, а се осврна и на трансформацијата на Армијата на Република Македонија во функција на зголемена интероперабилност и континуиран развој.

– Одбранбените реформи континуирано се насочени на наредниот развој на распоредливи интероперабилни воени способности на нашите вооружени сили. Тековната трансформација ќе биде завршена во 2015 година со цел развој на 50 проценти распоредливи единици и способности за придонес во колективната одбрана на НАТО, како и во мултинационалните здружени операции предводени од НАТО, ЕУ и ОН, појасни министерот Џафери.

Тој посочи дека Република Македонија е несомнено посветена на долгорочниот придонес во меѓународните мировни операции, споменувајќи ги операциите ИСАФ, АЛТЕА и УНИФИЛ, како и значителната логистичка поддршка на КФОР. Џафери уште еднаш повтори дека Република Македонија е подготвена да земе учество и во новата мисија на НАТО во Авганистан, по 2014 година.

Придонесот, рече министерот Џафери, го даваме и во рамки на борбената група на Европската Унија, поточно минатогодишното вклучување во ЕУБГ 2012/2, како и очекувањето во иднина да бидеме дел од ЕУ БГ, во најголем дел формирана од земјите од регионот.

Во контекст на регионалната соработка, министерот Џафери укажа на одличните искуства со реални и конкретни активности како мотор на придвижувањето кон еден развиен и просперитетен регион – Процесот за соработка во ЈИЕ, Регионалниот совет за соработка, ЦЕФТА, процесот СЕДМ, САД-Јадранската повелба.

– Во одбранбената соработка можностите се големи – заедничка обука и вежби, учеството во регионалните центри за обука, формирањето на меѓународните воени единици, заедничкото учество во операции, заклучи министерот Џафери.

Имајќи ги предвид светските економски текови, смета тој, заедничките проекти во духот на концептот „паметна одбрана“ се најдобро решение. Во таа насока, министерот укажа на иницијативата за балкански регионален пристап кон противвоздушната одбрана (БРААД), под раководство на Хрватска, како и развојот на Регионалните наменски медицински сили или Балкански здружени медицински наменски сили.

Во обраќањето пред министри и заменици-министри од земјите од регионот, министерот Џафери како една од најуспешните форми на соработка ја спомена воената едукација и школување, при што офицери на АРМ се школувале во центри во земјите од регионот, додека питомци од земјите се школуваат на Воената академија во Скопје.

Конференцијата „Јадранско-јонски безбедносни предизвици“ има за цел на едно место да овозможи размена на искуства и најдобри практики од земјите од регионот, во контекст на регионалната безбедност, како и да даде можност за утврдување на патиштата за засилена соработка и заеднички пристап кон развојот на регионот.

Би можело да ве интересира

МО: Насковски уште во мај 2023 година е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација НСПВ

НСПВ: Министерството за одбрана ја сопре членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување

Горан Наумовски

Петровска со иницијатива за подигање спомен обележје во Тетово за загинатите во масакрот кај Вејце

Ана Ололовска

Петровска: Речиси 90 милиони евра за воена опрема, учеството во странски мисии ќе чини над 10 милиони евра

Орце Костов

Министерството за одбрана ниту демантира ниту потврдува дека авионите „Сухои“ ќе и ги донира на Украина

Орце Костов

Ако жените не се вклучени во одлучувањето, нема одржлив мир и безбедност, вели Шекеринска

Жарко Настоски