Министерот за одбрана Талат Џафери, началникот на ГШ на АРМ Горанчо Котевски и сратешини на Охридскиот гарнизон денеска го посетија армискиот Центар за обука на вода во Охрид, при што беше извршено предавање во употреба на реновираниот воен брод на Охридското Езеро.
Џафери истакна дека посетата коренспондира со обврските на Министерството за одбрана и на ГШ за непосредно запознавање со состојбите во единиците.
– Ставањето на бродот во употреба беше добра можност на лице место да се запознаеме со условите за живот и работа на единицата, и за нашите обврски во однос на доопремување на Центарот за обука на вода, во насока на подобра обука и борбена подготвеност, рече Џафери.
Тој појасни дека слични посети се предвидени на сите едници и гарнизони, за утврдување на состојбите и преземање мерки за доопремување на армиските капацитети, согласно плановите за 2013 година и долгорочно.
Министерот Џафери додаде дека бродот што денеска беше ставен во употреба пред се ќе биде наменет за реализација на плановите на единицита, како за обука, така и за контрола на граничниот регион. Притоа тој додаде дека се разгледуваат и можностите во иднина за издавање на патролниот брод за комерцијални цели, како одредени посети на делегации во Охрид, за што секако ќе треба да се усвои посебен правилник за користење што би бил во согласност со законските прописи.
Началникот на ГШ на АРМ Горанчо Котевски рече дека денешната работна посета на Охрид ќе биде искористена и за посета на армиското одмаралиште во Свети Наум, како и на поранешната каралула во Радожда.
– Овој брод ќе се користи првенствено за обука на припадниците на АРМ, но и за поддршка на активностите на Граничната полиција доколку тоа е потребно, рече Котевски. Тој додаде дека во рамки на АРМ се планираат и активности насочени кон реновирање и на другиот армиски брод и негово ставање во употреба.