Дистрибуција на гласачките ливчиња до ОИК за референдумот

Од:

Од печатницата „Киро Дандаро“ од Битола утрово почна дистрибуцијата на гласачкиот материјал за референдумот закажан за в недела.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски изјави дека дистрибуцијата на гласачките ливчиња за референдумот почна по проверката што членови на Комисијата ја направија во печатницата „Киро Дандаро“. Оцени дека подготовката на референдумскиот материјал завршила одлично.

– Во текот на денот со помош на возила на Македонски пошти и наши екипи материјалот ќе биде дистрибуиран до ОИК и очекувам процедурата да заврши во доцните попладневни часови. Инаку во текот на вчерашниот ден тргнаа првите избирачки одбори што се во подалечните дипломатско-конзуларни претставништва, а денеска ќе отпатуваат и останатите за да може в сабота да се реализира гласањето. Во дијаспората пријавени се 2.695 гласачи во 33 ДКП-а, избирачките одбор се на пат, а со себе го носат и гласачкиот материјал, рече Деркоски.

Право на глас имаат 1.806.336 гласачи, запишани во Избирачки список, а референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата. Комплетниот доверлив и недоверлив избирачки материјал го изработи битолската печатница „Киро Дандаро“.

– Листовите се испечатени со висок квалитет и со 20 заштити, без никаква можност за копирање. Севкупниот материјал, паравани, избирачки списоци и записниците се испечатени со високи стандарди, истакна Драги Милошевски, директор на АД печатница „Киро Дандаро“-Битола.

Референдумското прашање гласи: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, а гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“.

Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот.

Би можело да ве интересира

Швајцарците го отфрлија предлогот за ограничување на бројот на жители на 10 милиони

A1on

СДСМ: Престанете да бегате од граѓаните, распишете референдум, граѓаните нека одлучат

Горан Наумовски

СДСМ: Нема пари за референдум, но има за тендери и луксуз

ВИДЕО: Филипче бара референдум за ЕУ: Граѓаните да одлучат дали сакаат да ја платат цената заради Мицкоски

Референдум во Република Српска на 25 октомври

Словенија одлучува: Или остануваме и ја плаќаме членарината или го напуштаме НАТО