Директорите на зоолошка и затворот во Шуто Оризари ги прекршија протоколите и гледаа ракомет во сала

Од:

Директорот на зоолошката градина, Ѓорги Галетановски, директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Филип Андов, пратеникот Дарко Каевски и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, спротивно на протоколите за заштита од коронавирусот, со физичко присуство во сала го следеа натпреварот на македонската репрезентација против светскиот шампион Данска. Тие објавија и заедничка фотографија на социјалните мрежи. Градоначалникот Темелковски и пратеникот Каевски велат дека добиле покана од Ракометната федерација на Македонија. Но, генералниот секретар на федерацијата, Филип Милошоски, се оградува од упатување каква било покана. Согласно протоколот за организирање спортски натпревари во услови на пандемија, натпреварите се одржуваат без присуство на публика.

„Како федерација апсолутно и максимално ги почитуваме сите здравствени протоколи и превентивни мерки. Јас како генерален секретар на РФМ се оградувам од упатување каква било покана. На останатите прашања навистина немам што да одговорам. Во моментов целото внимание ни е фокусирано на подготовките за утрешното заминување на реваншот во Алборг“, вели Милошоски за „А1он“.

Наспроти Темелковски и Каевски, кои кажаа дека добиле покани, Галетановски не сакаше неговите одговори на прашањата од „А1он“ да бидат јавно објавени, додека Андов не одговори ниту на пораката. Галетановски во телефонскиот разговор најпрво раскажа како успеал да влезе на натпреварот, но потоа посочи дека тоа што го кажал не е изјава за во јавност.

Галетановски одби неговата изјава да се објави јавно

„Немам коментар“, рече Галетановски, одговарајќи што има да изјави за јавноста.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, вели дека на натпреварот присуствувал откако бил поканет, почитувајќи ги протоколите. Тој кажа дека на натпреварот отишле заедно со другите функционери, бидејќи сите имале покана.

Градоначалникот Темелковски вели дека отишле сите функционери заедно, по претходна покана. Според него, испочитувани биле протоколите.

„За сите натпревари си има правила колку луѓе можат да присуствуваат. Јас бев гостин како градоначалник на општина на која Ракометната федерација ѝ даде и плакета како најголем поддржувач на ракометот во Македонија. Ги следиме сите протоколи, знаете дека може да присуствуваат околу 20 лица. Не го биравме ние друштвото. За другите не можам да кажам, јас кажувам за мене.  Организаторите си имаат право на одреден број  публика, според протоколите на самата федерација. Заедно отидовме, бидејќи и тие имаа покана. Не сметам дека е лоша порака, бидејќи ви кажав дека имаме соработка со федерацијата. Вложуваме како општина во спортот и ѝ благодарам на федерацијата што го согледала тоа. Нормално е да имате соработка со федерацијата. Мило ми е што македонската репрезентација го победи светскиот шампион. Наместо да се радуваме на таков одличен подвиг, ние за едно присуство дигаме, според мене, непотребна фама. Нашата соработка не е само со федерацијата, туку и со селекторот. Пораката не е лоша како функционер. Не беа сите функционери за да се каже дека само функционери можат да дојдат. Таму беа најголемите поддржувачи на федерацијата. Не сметам дека сме привилегирани“, вели Филип Темелковски за „А1он“.

Наспроти Темелковски, кој вели дека отишле заедно, пратеникот Дарко Каевски за „А1он“ кажа дека со останатите функционери се сретнале пред салата и заедно влегле. Тој кажа дека бил поканет бидејќи како ексдиректор на Агенцијата за млади и спорт направил многу за ракометот. Но, прашан дали и актуелниот директор на Агенцијата бил на натпреварот, рече: „Ќе го прашате него, не би можел да кажам. Јавете му се и ќе добиете одговор“.

„Пред салата се најдовме, заедно влеговме“, вели пратеникот Каевски на прашањето дали се договриле да одат заедно или случајно се сретнале

„Си има протоколи кои ги утврдува Ракометната федерација, и на нејзина покана не присуствувавме само ние како функционери, туку имаше педесетина луѓе според протоколи. Јас не сум само пратеник, туку и довчерашен директор на Агенција за млади и спорт кој направи големи напори за ракометот во државава. Јас сум голем пријател и на ракометот, на Ракометната федерација и на луѓето од спортската фела, па ме поканија да бидам на натпреварот. Пред салата се најдовме, заедно влеговме. Не гледам ништо спорно тука. Колку што можев да забележам таму беа луѓе дел од стручниот штаб на Ракометната федерација, управни одбори, луѓе кои се спонзори на ракометот. Не гледам тука ништо спорно. Сметам дека не сме привилегирани како политичари, туку како луѓе пријатели и помагачи на ракометот“, вели пратеникот Дарко Каевски.

На прашањата од „А1он“ во кое својство и како успеал да влезе во салата и во живо да го следи натпреварот, не одговори директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Филип Андов – Сокол.

Директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, не одговори на ниту едно прашање од „А1он“

Засега нема реакции од надлежните институции за евентуално санкционирање откако протоколот за заштита од коронавирус е прекршен.

Би можело да ве интересира

Романса на теренот: Босанска ракометарка запросена по натпреварот во Белгија

Предраг Петровиќ

Вардар прв финалист на Струшкиот ракометен турнир

Еурофарм Пелистер убедлив против домаќинот Струга на отворањето на Меѓународниот Струшки ракометен турнир

Норвешките ракометарки по трет пат станаа олимписки шампиони

РФМ: Благодарност до македонската ракометна јавност

Раководството на РФМ оствари средба со женската сениорска репрезентација

Предраг Петровиќ