Професорот Александар Димовски кој ја води истражувачката лабораторија во МАНУ, по влегувањето на делта-сојот во земјава, вели дека со коронавирусот ќе се справуваме сигурно уште една до две години и апелираше до сите граѓани, а посебно до ризичните групи и хронично болните, да се вакцинираат против Ковид-19.
„Она што сега го знаеме со сигурност е дека вакцинацијата спречува тешка форма на болест. Дури и ако некој што е вакциниран се разболи и го шири вирусот, ќе има една блага клиничка слика која ќе ја помине на нозе, или со еден ден температура, што е апсолутно небитно за здравствениот систем, а ќе нема ниту потреба од мерки кои буквално ја затворија државата, а и целиот свет. Тоа е апел до сите, посебно оние кои се ризични групи да ја искористат можноста да се заштитат себе, да се вакцинираат за да ја вратиме ситуацијата во нормала“, изјави Димовски.
Тој вели дека за да се надмине ситуацијата, државата мора да дојде до 70, 80, па дури и 90 проценти развиен имунитет, или природен или преку вакцинација.
„Кога ќе се случи тоа, сето ова ќе прекине, а дотогаш ќе имаме вакви ‘нагоре-надолу’ ситуации, а сите сакаме ова да заврши. Уште година-две најверојатно ќе се занимаваме со ова, да се надеваме дека нема да се доведеме до онаа ситуација во која што бевме, а досега сите податоци говорат дека ситуацијата ќе се подобрува, но не е завршена“, изјави тој.
Димовски не сакаше да прецизира точно колку е позаразен делта-сојот на коронавирусот од британскиот сој, но изјави дека иницијалните податоци говорат дека е прилично позаразен.
МАНУ со Министерството за здравство и со Фондот за здравство во моментов преговараат за тоа како ќе се вршат анализите, откако делта-сојот влезе во Македонија. Сега сите новооткриени заразени лица ќе се скенираат дали се заразени со британскиот сој, а останатите ќе се секвенционираат.
„Ве молам, сите кои сте во можност да се вакцинирате за да се вратиме назад каде што бевме пред година и половина“, апелираше Димовски.
Во моментов, во земјава се детектирани десет лица кои се заразени со делта-сојот на коронавирусот, од кој еден е во критична состојба и е поставен да дише на респиратор, а останатите имаат полесна клиничка слика. Ниту едно од овие лица немало примено вакцина против Ковид-19.