Димитров: Во односите со Грција веќе подолго време се праќале иритантни пораки

Од:

Чесно и транспарентно работење на реформите за приближување на земјата кон ЕУ, отворање на вратите со соседите и инвестирање во добрососедски односи и зголемување на бројот на пријатели меѓу земјите членки во Европската Унија се столбовите поставени како план за Македонија кон постигнување на целите влез во ЕУ и НАТО, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров, презентирајќи го извештајот за надворешна политика и меѓународна положба на државата. Димитров побара поддршка од сите пратеници со цел важните прашања за државата да се решаваат со консензуз.

-Побаравме поддршка од соседите кои веќе се членки на НАТО и ЕУ. Но, нашата цел е да настапиме пријателски и отворено наместо од позиција на комплекс и страв. Пред нас се отвора еден прозорец на предизвици. Ќе биде добро сите заедно да се заложиме и да ги отвориме тие пукнатини кои се подотворени и да поминеме низ нив. Затоа и апелирав кај нашиот сосед во Атина да размисли каков сосед сака да има. Затоа и ја побаравме нивната поддршка, а паралелно со тоа ќе ги градиме тие мерки на доверба“, рече Димитров.

Пратеникот Никола Попоски и поранешен министер за надворешни го праша Димитров на што го темели ставот дека Грција преку ноќ ќе го смени ставот и ќе се согласи Македонија да влезе во НАТО под референцата, без промена на името.

-Доколку Грција сакала, тоа ќе го направела и порано и зошто би ги сменила своите позиции со смена на власта. Во однос на средбата во Софија, не бевте доволно транспарентен и барам да дадете целосна информација за тоа што договорил премиерот Заев по неговата изјава дека договорот за добрососедски односи е испеглан во најголем дел и дека останува мал ‘детаљ’, кој требало да го договорат министрите за надворешни работи на кафе-муабет. Кој е тој мал детаљ? праша Попоски.

Министерот Димитров рече дека во односите со Грција веќе подолго време се праќале иритантни пораки, а во однос на бугарското прашање повтори дека кога договорот ќе биде подготвен ќе биде ставен на маса пред пратениците.

„Подолго време се праќаат иритантни пораки кон нашиот јужен сосед. Како што е на пример фотографијата со знамето од Куклеш, потоа имињата на одредени институции и долгото зборување за процес на антиквизација. Ние сакаме тие пречки да ги надминеме. Не сакаме да праќаме вакви пораки. Во однос на прашањето со Бугарија, можам да кажам дека има разлика помеѓу политичкиот и дипломатскиот израз. Она што е важно е дека деталите во однос на договорот нема да бидат сокриени, ќе бидат ставени на маса, ќе биде отворена дебата и тоа прашање ќе биде затворено со консенсензус“, рече Димитров.

Димитров додаде дека интенцијата на МНР ќе биде за амбасадори да бидат бирани луѓе од дипломатската кариера, не политички, при тоа споменуваќи го примерот со Александар Николовски. Пратеникот Илија Димовски, пак, рече дека парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува инклузивно во процесот, но нема да прифати решенија кои се штетни по идентитетот и интегритетот на државата и нема да учествуваат само да ги покриваат нивните грешки.Тој побара да се свика посебна седница на која ќе се разгледаат во детали сите прашања кои се сензитивни, особено за договорот со Софија.

Би можело да ве интересира

Во МНР отворена Книга на жалост за загинатите во трагедијата во Кочани

МНР: На девет амбасадори им завршува мандатот, неточни се информациите објавени на дел од порталите

Филипче покажа недоволно познавање на меѓународната политика, реагира Министерството за надворешни

МНР: Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација

Македонија ќе добие нови амбасадори во Украина, Јапонија и Хрватска

МНР ќе бара објаснување од Србија зошто е протерана македонска државјанка од Белград

Горан Наумовски