Димитров во Њујорк се сретна со своите колеги од Мексико, Канада, Украина и Индонезија

Од:

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на маргините од Генералната дебата на 72-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк имал одвоени билатерални средби со заменик министерот за надворешни работи на Мексико Карлос де Гонзалес Иказа, со министерката за надворешни работи на Канада Кристиа Фриланд, со министерот за надворешни работи на Украина Павло Климкин и со министерката за надворешни работи на Индонезија Ретно Марсуди.

Како што соопшти МНР, Димитров со соговорникот од Мексико разменил мислења околу позначајните случувања од актуелната меѓународна политика и состојбите во американскиот и европскиот регион. Станало збор и за билатералната соработка меѓу двете земји, за која било констатирано дека постои простор за натамошен развој, меѓу другото и во областа визна либерализација, а воедно била упатена покана до шефот на македонската дипломатија за посета на Мексико.

На средбата со хомологот од Канада се разговарало за новата страница во домашната и надворешната политика на Македонија после тешката политичка криза во земјата. Од нејзина страна бил изразен интерес и за состојбите во регионот, како и за новиот позитивен пристап на Македонија во односите со соседите. Министерот Фриланд искажал целосно разбирање и поддршка за демократските аспирации на земјата и нејзините амбиции за што поскоро приклучување кон клубот на НАТО, каде Канада има исклучително активна улога, а истовремено бил изразен интерес за поддршка на демократски аспирации и развој.

Со министерот на Украина, Димитров разговарал за состојбите во регионот, унапредување на билатералната соработка, пред сè на економски план, како и преку натамошно уредување на договорната состојба, при што била упатена покана до министерот Димитров за посета на Украина.

На средбата со првата жена министер за надворешни работи на Индонезија Ретно Марсуди, откако било заеднички потврдено дека нема отворени или спорни прашања меѓу двете земји, министрите се согласиле дека има потреба од натамошно унапредување на билатералната соработка, преку посета на министерско ниво од страна на министерот Димитров и потпишување на повеќе билатерални договори.

Шефот на македонската дипломатија остварил и повеќе разговори со други високи меѓународни претставници, меѓу кои и со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини, комесарот за европска соседска политика и за проширување Јоханес Хан и министерот за надворешни работи на Австралија Џули Бишоп.

Димитров присуствувал и на неколку настани на високо ниво во рамките на ООН, меѓу кои и панел дискусијата на темата „Бегалци и мигранти: Идеи и најдобри практики помеѓу соработката за развој и потребата за безбедност”, каде домаќин бил Анџелино Алфано, министерот за надворешни работи на Италија.

Како што соопшти МНР, Димитров го придружувал премиерот Заев на Самитот за Глобалниот договор за животна средина во организација на претседателот на Франција Емануел Макрон, како и на панел сесијата организирана од иницијативата Отворено Владино Партнерство, на која се обратил премиерот Заев.

Министерот Димитров присуствувал и на приемот во организација на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Би можело да ве интересира

Во МНР отворена Книга на жалост за загинатите во трагедијата во Кочани

МНР: На девет амбасадори им завршува мандатот, неточни се информациите објавени на дел од порталите

Филипче покажа недоволно познавање на меѓународната политика, реагира Министерството за надворешни

МНР: Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација

Македонија ќе добие нови амбасадори во Украина, Јапонија и Хрватска

МНР ќе бара објаснување од Србија зошто е протерана македонска државјанка од Белград

Горан Наумовски