Министерот за надворешни работи Никола Димитров на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации учествуваше на работен појадок на министрите за надворешни работи од Западен Балкан, комесарот за европска соседска политика и проширување Јоханес Хан и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ.
На средбата, како што соопшти МНР, било разговарано за регионалната соработка, како и за активностите во насока на исполнување на преземените заложби од Берлинскиот процес.
Министерот за надворешни работи имаше и обраќање на 10-та Конференција за олеснување на влегување во сила на Сеопфатниот договор за забрана на нуклеарни проби (СТВТО).
Министерот меѓу другото силно ги осуди активностите на Северна Кореја во насока на спроведување на својата нуклеарна и ракетна програма.
Се разговараше за регионалната соработка, како и за активностите во насока на исполнување на преземените заложби од Берлинскиот процес.
Димитров оствари и повеќе билатерални средби и куси видувања, меѓу кои и со министерот за надворешни работи на Андора Мариа Убач Фонт и генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер.
На средбата со министерката Мариа Убач Фонт, организирана во насока на запознавање на двајцата министри стана збор за сличностите кои ги поврзуваат двете земји, како мултикултурниот карактер на општествата, за реформските преземања и амбиции на владите, состојбите во нивните регионални опкружувања, како и за соработката на мултилатерален и билатерален план.
Притоа министрите заемно си упатија покана за посета на земјите, а во насока на унапредување на билатералната соработка.
За време на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ Гремингер, беа разменети мислења за состојбите во Република Македонија во изминатиот период, а исто така беа разгледани актуелните и планираните реформски преземања на македонската Влада.
Генералниот секретар Гремингер изрази силна поддршка од страна на Организацијата и понуди помош во рамки на мандатот на ОБСЕ, имајќи предвид прикажаниот нов елан и ентузијазам земјата да се врати на вистинската демократска насока.
Беа дискутирани состојбите во регионот, улогата на теренските мисии на ОБСЕ, претстојната агенда на Димитров поврзана со ОБСЕ, при што беше упатена покана до Гремингер за посета на земјата.
Димитров имаше работна вечера со својот грчки колега Никос Коѕијас, на која беше разговарано за мерките за градење на доверба и процесот за надминување на разликите околу името.
Како што соопшти МНР Димитров во придружба на премиерот Зоран Заев присуствуваше и на приемот во организација на премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ по повод 25 годишнината од членството на Хрватска во ОН.
Македонската делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, а составена од Димитров и министерот без ресор, задолжен за дијаспората Едемонд Адеми учествува на Генералната дебата на 72-то Генерално собрание на ОН.
Заев утре ќе има обраќање на генералната дебата на Генералното собрание.