Димитров: Квадрилатералната средба обид за нов пристап на соработка со фокус на заедничките интереси

Од:

Ситуацијата на Балканот, иднината на Европската унија, зајакнување на безбедносната соработка, енергетски прашања беа дел од темите, на кои се осврнаа денеска учесниците на квадрилатералната средба во Солун, организирана од Грција, со учество на Македонија, Албанија и Бугарија.

По завршување на средбата, која е втора од ваков вид, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров посочи дека на масата имало претставници на две земји, од кои зависат многу работи во контекст на ЕУ, едната е Грција, а другата е Бугарија, која од 1 јануари следната година го презема претседавањето со Унијата.

Состанокот, според шефот на македонската дипломатија, минал во духот на разбирање на различните ставови на државите за одредени прашања и обид да се стави акцент на она што ги поврзува, а не на она што ги разделува.

– Форматот на средбата е нарекуван јужна Југоисточна Европа. Ова е втора средба од ваков вид, првата се одржа во контекст на мигранската криза, овој пат имавме пошироки и пофлексибилни теми. Ова е воспоставување на една регионална соработка, бидејќи сите еден ден ќе бидеме европски сојузници, сече Димитров.

Тој посочи дека ваквото групирање е налик на останатите во ЕУ, како земјите од Вишеград, од Балтикот, од Бенелукс.

– Овој процес го користиме да учиме како да бидеме сојузници, како да разговараме за тешките прашања, додаде тој.

Министрите се договориле оваа иницијатива да стане редовна, да се среќаваат во овој формат во контекст на потребите и можностите, но не поретко од еднаш годишно. Идната средба е за шест месеци и ќе биде фокусирана на структурните фондови на ЕУ и како што посочи Димитров на кохезивните политики на Унијата.

– Ќе се обидеме да најдеме начин четирите држави да аплицираме со заеднички проекти и заедно да обезбедуваме поддршка за финансирање на тие проекти, нагласи шефот на македонската дипломатија.

На маргините на квадрилатералата Димитров оствари билатерални средби со шефовите на дипломатиите на Грција, Албанија и Бугарија, Никос Коѕијас, Дитмир Бушати и Екатерина Захариева.

Фокусот на средбата со Коѕијас беше, како што рече тој на прашањата, кои не поврзуваат.

– Целта беше да се најдеме и да се обидеме на заедничките точки да градиме позитивна агенда, главно фокусирана на соработка на претставници на НВО, на универзитетите и други академски работници, бизнис форум, нагласи Димитров.

Коѕијас даде поддршка за Македонија и нејзиното членство во НАТО и ЕУ, и, како што рече, нов пристап и фокус на позитивните работи при решавање на спорот.

Димитров имаше куса средба со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис со кого се договорил по локалните избори во Македонија да формираат работна група која ќе изработи листа на активности и проекти од заеднички интерес.

Коѕијас претходно на завршната прес-конференција од средбата, на која говореше само тој, изрази надеж дека во еден момент ќе можеме да дојдеме во ситуација да имаме содржајни разговори за името и додаде дека никогаш не кажал дека тоа е поврзано со јазикот и или други прашања.

Во контекст на денешниот состанок на министрите од Грција, Македонија, Бугарија и Албанија, Коѕијас истакна дека Атина ќе даде поддршка за повеќето земји за членство во ЕУ, како и поддршка за создавање мрежа за соработка.

Тој признава дека Грција се однесувала арогантно кон земјите во регионот во 90-те години, но извлекла поука и се свртела кон градење доверба. Оцени дека односите меѓу земјите во регионот сега се многу поодбри отколку што се перцепира во јавноста.

– Иднината на четирите земји е во Европа, при што нашата регионална соработка ќе ја поврземе со европската соработка. Имаме волја да се решат проблемите од минатото, историјата не треба да претставува затвор, туку училиште од кое ќе си ја научиме лекцијата порача Коѕијас, рече тој.

Министрите за внатрешни работи на посебна сесија разговарале за бегалската криза, за взаемно искористување на капацитетите на државата за цивилната заштита, за заедничка борба против тероризмот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека е договорено вакви средби да има на шест месеци со цел да се продлабочи соработката.

Следниот понеделник ќе има средба на директори на македонската и грчката полиција.

Договорена е и обука на пожарникари во Центарот за пожарникарите во Солун.

– Констатиравме дека во делот на мигрантската криза има услови за опстојување на договорот меѓу ЕУ и Турција. Засега немаме сознанија дека мигрантската криза може да доживее зајакнување или дека може да проработи западнобалканската рута, меѓутоа договоривме зајакнување на соработката во таа сфера, додаде Спасовски.

Би можело да ве интересира

Герапетритис: Грчката Влада реагираше брзо и го интернационализираше прашањето по инаугурацијата на Сиљановска

Маринакис: Логиката на употреба на уставното име формално, но не и во јавни настапи не може да биде прифатена од Грција

Герапетритис: Ќе бидеме строги за верното и доследно спроведување на Договорот од Преспа од Северна Македонија

Маринакис: Очекуваме да го видиме ставот на новата Влада на Северна Македонија

Македонско – грчките односи и понатаму во фокусот на медиумите во Грција

Полицијата упадна на Правниот факултет во Атина, уапси 28 лица