Ќе работам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите. За мене оваа Влада е Влада за спас на Македонија, изјави новиот министер за надворешни работи Никола Димитров.
Најави дека ќе работи на пријателства, на добри односи со сите соседи притоа, како што кажа, грижејќи се за интересите на Република Македонија. – Ќе работам да ги убедам и ЕУ и НАТО дека вратите треба да ги отворат, рече Димитров по изборот на новата Влада. Ова, додаде тој, е шанса и за регионот, меѓутоа и за самата Европа, ова треба да се искористи.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со спорот за името, Димитров кажа дека тој ќе биде надминат со, како што кажа, правење пријатели, а не со губење пријатели и не со давање дополнителни аргументи и олеснување на блокадата.
– Ќе водиме една мудра и разумна политика заедно со опозицијата да го извлечеме прашањето за името од политичката битка да изградиме консензус и тогаш кога ќе има пристојно решение, сите заедно да застанат зад тоа решение. Името не може да биде предмет на партиска политичка битка ако сакаме тоа прашање да се затвори вистински. Меѓутоа, знаете, кога имаше обид во 2012 година од цела група на ЕУ земји членки да почне Македонија преговори, и покрај прашањето на името, тој напор го сопре „црниот понеделник“ во декември 2012 година и цела 2013 година ништо не направивме, рече министерот за надворешни работи.
Во однос на реформите рече дека колку сме подобри дома, толку повеќе имаат аргументи другите ЕУ-членки да ја отворат вратата.
Најави дека во интерес на добрососедските односи неговите први билатерални посети ќе бидат, главно, во регионот и тоа таму каде што Македонија има проблеми.
– Таму сакам да одам прво да кажам дека Македонија има ново лице, дека сакам да воспоставиме нови односи. Не е добро тие нови односи да почнуваат со големи скандали, рече Димитров.
Во врска со односите со соседна Србија, Димитров кажа дека Србија има интерес Македонија да успее и Македонија има интерес Србија да успее. – Ќе градиме мостови, чувајќи си го нашето достоинство, рече новиот министер за надворешни работи.