Ситуацијата со пандемијата е голема пречка за европската агенда и за дипломатијата бидејќи се оневозможени патувањата и средбите лице в лице што во дипломатијата имаат посебна тежина. Сепак, преку интензивни и секојдневни телефонски разговори и видеосостаноци една од нашите клучни мисии во овој комплициран период ја остваривме. Принципиелната позиција на државата и во стратешката определба кон ЕУ ама и во цврстиот став за тоа кои сме и што сме како сплет на две целосно компатибилни тези е уважена и разбрана од нашите европски партнери и од земјата претседавач во изминатите шест месеци Германија, на која сакам посебно искрено да и се заблагодарам за поддршката и помошта низ овој период.
Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во отчетот за неговиот дел од работата во рамки на 100 дена Влада.
– Неколку пати досега кажав дека ние немаме намера да креваме раце и да бегаме. Браниме кристално чисти вредности, вредности на кои се изградени темелите на самата ЕУ и во овој дух и со оваа енергија ќе продолжиме да бараме решение со соседна Бугарија што е можно само низ призмата на заемна почит. Во меѓувреме самата европеизација на македонското општетство не смее да чека. Наш јасен фокус и план за следниот период е мапирање на неколку клучни проекти и реформски процеси што сакаме да ги реализираме во овој мандат, рече Димитров.