Неопходна е соработка, а не мешање во внатрешните работи и силно почитување на сувереноста и интегритетот на секоја држава. Само така регионот ќе оди напред и политички и економски, порача Емил Димитриев на денешниот Самит на земјите од Западен Балкан што се одржа во Сараево.
На Самиот, покрај Димитриев учествуваа и премиерите на Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и на Србија, како и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан и италијанскиот министер за надворешни работи Анѓелино Алфано.
Димитриев истакна дека за реализација на заедничките проекти на земјите од Западен Балкан, кои носат бенефит за граѓаните, од круцијално значење е обезбедувањето добра политичка клима меѓу државите.
– Сведоци сме на растечки тензии во светот, но и во регионот на Западен Балкан. Случувањата во нашите земји имаат директно влијание врз ЕУ и затоа регионот треба да се смета за висок стратешки приоритет на Унијата. Закочениот интеграциски процес стимулира настабилност во регионот, а интеграцијата во ЕУ се уште е најцврстата кохезивна сила, рече Димитриев.
Тој посочи дека Македонија и другите земји од регионот треба да се сметаат како партнери во справувањето со предизвиците со кои се соочува ЕУ.
– Свеж и актуелен е примерот со мигрантската криза преку која се докажа дека ние сме кредибилен партнер на ЕУ за надминување на предизвиците, потенцира Димитриев.
Во економска смисла, како што рече, неопходна е инфраструктурна агенда како средство за создавање нови работни места и пошироки деловни можности.
– Поддршката на ваквата агенда од Берлинскиот процес помага за нејзино исполнување, посочи Димитриев.
Република Македонија користи сопствени средства и заеми за изградба на транспортни коридори со регионално значење. Затоа потребни се смели чекори од страна на ЕУ за да се обезбеди одржливост на финансиската поддршка за регионална транспортна поврзаност, рече македонскиот премиер. Тој истакна дека вниманието на Македонија е кон источниот дел на Коридорот 8 и изградбата на пругата од Куманово до бугарската граница.
– За овој проект нашиот меѓународен инвестициски партенр ЕБОР ги потврди зрелоста, економската одржливост и стратешкото значење. Македонија повторно го поднесе барањето за поддршка на овој проект со надеж дека неговата политичка тежина и припадноста на Трансевропската транспортна мрежа ќе бидат земени предвид, потенцира Димитриев.
Тој посочи дека до самитот во Трст Македонија очекува да дојде до унапредување на заедничкиот пазар на земјите од Западен Балкан.