ДИК на седница треба да донесе ревидиран Роковник за изборите на 15 јули

Од:

Ревидиран Роковник за предвремените парламентарни избори треба да донесе Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница закажана за 16:30 часот. Ревидираниот Роковник се носи откако вчера политичките партии се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули. Првично, изборите беа закажани за 12 април, но поради ширењето на коронавирусот изборните дејствија беа одложени.

Владата на синоќешната седница донесе Уредба за изборите, со која треба да се усогласат активностите на ДИК.

Уредбата предвидува, на изборите за пратеници во Собранието, закажани за 15 јули се применуваат одредбите од Изборниот законик, освен за оние дејствија за кои со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

-Спроведувањето на останатите изборни дејствија, кои не беа спроведени до стапувањето во сила на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 72/20), ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 70/20 и 154/20) до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила се сметаат за важечки, стои во Уредбата.

ДИК во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила објавува на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија согласно одредбите на Изборниот законик и оваа уредба со законска сила. ДИК ги презема и извршува сите технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.

-Членот 4 уредува дека МВР во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа Уредба со законска сила, е должно да ги достави до ДИК податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик и тоа листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по кој било основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК податоците за овие лица ги впишува во Избирачкиот список по службена должност, стои во Уредбата.

Основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните согласно членот 43 ставовите 2 и 3 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.

Органот надлежен за извршување на санкциите во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила е должен да ги достави до ДИК податоците за граѓаните согласно член 44 став 1 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажурирање на Избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, од моментот на нивниот прекин, согласно одредбите на оваа уредба.

Уредбата во членот 5 определува дека изборната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија започнува на 24 јуни 2020 година и трае 20 дена.

ДИК изборниот материјал го предава на ОИК најдоцна во рок од 96 часа пред денот на одржување на изборите.

На 13 јули 2020 година гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат. При спроведувањето на гласањето на овие лица се применува членот 111 од Изборниот законик.

Во општините во кои гласаат лицата од став 3 од овој член, во зависност од нивниот број, ДИК формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето на лицата од ставот 3 од овој член, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор согласно член 38 ставовите 5 и 6 од Изборниот законик.

На 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица согласно член 111 од Изборниот законик, како и хронично болните лица и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.

Дејствијата на изборните органи кои согласно Изборниот законик се преземаат еден ден пред одржувањето на изборите, ќе се спроведуваат во рокови утврдени со роковникот на ДИК.

Членот 6 утврдува дека гласањето на 15 јули 2020 започнува во 07:00 часот и трае непрекинато до 21:00 часот.

Времето за преземање или забрана за преземање на определените дејствија согласно одредбите од членот 77 став 3, членот 101 став 2 и 3 и членот 102 ставот 1 од Изборниот законик наместо 19:00 часот ќе биде 21:00 часот.

Членот 7 од Уредбата определува дека за време на изборната кампања, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за двете најголеми партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието и за независни кандидати можат да се одвојат најмногу две минути.

Во член 8 се задолжува Министерството за здравство, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

Член 9 од оваа уредба утврдува дека од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанокот на траењето на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик, како и дека од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019).

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар