Откако дополнителната заменик министерка во МВР Славјанка Петровска не ја потпиша одлуката за назначување на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за МИА изјави дека денеска ќе поднесе барање за мислење до Државната изборна комисија (ДИК).
Според Чулев, проблематизирањето на изборот на Ставревски за началник на СВР-Скопје е од политички причини и го изразува стравот на критичарите од професионално вршење на активностите.
– Ставрески не е осудуван, ниту против него има постапка или каква било истрага. Напротив, тој е лице кое поседува сертификат „државна тајна“ за информации од доверлив карактер, издаден во периодот кога Спасовски беше министер за внатрешни работи. Не гледам никаква пречка да биде началник на СВР – Скопје и поради можноста различно да се толкуваат законските прописи, планирам да се обратам до ДИК која ќе треба да одлучи и да се изјасни за натамошно нормално функционирање на позицијата на лицето за кое станува збор, изјави Чулев за МИА.
Тој потенцира дека е најважно да се функционира професионално и согласно законските норми. Сé друго, како што напомена, претставува политизирање и израз на страв од соочување со професионалци.
Дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска во изјава за МИА вели дека таа не ја потпишала одлуката за назначување на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје. Потпис ставила за дополнителниот заменик-началник на СВР – Скопје Тони Јакимовски и вели во соопштението на МВР Ставревски е споменат како назначен, но назначувањето е без нејзиниот потпис.
Таа вели дека се одлучила на овој чекор бидејќи за Ставревски имало аудио снимки од кои можело да се чуе дека тој врши притисоци врз гласачи.
Петровска за МИА потенцира дека согласно законот потребни се два потписа, бидејќи тоа е предвидено за одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада. -Не можам да се согласам со нивниот предлог, според законот министерот предлага, согласно законот имаме врзани потписи, вели Петровска и додава дека е логично ако нејзиниот потпис е потребен за другите назначени, да биде потребен и за овој предлог.
Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното Министерство. Одлуката на ДИК е конечна.
Една седмица по изборот на новата техничка влада почнаа кадровските промени, согласно Пржинскиот договор. Во МВР во петокот беа назначени дванаесет раководители и 12 дополнителни заменици раководители на сектори и оддели, согласно член 44 од Законот за Влада на Република Северна Македонија. Сепак, министерот Чулев и дополнителната заменик министерка Петровска не се договорија за позицијата раководител на СВР Скопје.
МВР по состанокот на кој присустуваа министерот Чулев, дополнителниот заменик министер Петровска, заменикот министер за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски соопшти дека се назначени 12 раководители и 12 заменици раководители.
Нови началници и нивните дополнителни заменици има во секторите за внатрешни работи во Охрид, Штип, Битола, Велес, Струмица, и за Одделот за внатрешни работи во Прилеп. Потписи за именување на началниците и нивните дополнителни заменици Чулев и Петровска освен за овие сектори, ставиле и за раководните позиции на Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди, Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ, на Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, како и за командатот на единица за специјални задачи во Оддел за специјални полициски операции во БЈБ.