Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) со мнозинство гласови одлучија да ги повикаат членовите на Општинската изборна комисија (ОИК) од скопската Општина Центар и Избирачкиот одбор од избирачкото место 2806/1, бидејќи при увидот во материјалите од гласањето во првиот круг на локалните избори во неделата се утврди дека му било дозволено на граѓанин да гласа без да се потпише во изводот од Избирачкиот список.
Исто така, врз основа на забелешката внесена во записниците по гласањето граѓанинот одбил да ги земе ливчињата за гласање за градоначалник и совет на Центар. Во ова избирачко место ДИК констатираше дека во сите четири кутии било пронајдено вишок по едно избирачко ливче.
Приговорот за гласањето во ова избирачко место го поднесе ВМРО-ДПМНЕ. Вкупниот број потпишани лица во Избирачкиот список изнесува 351, додека збирот на ливчињата што биле во кутиите изнесува 352.
Невенка Стаменковска овластен претставник на партијата ВМРО-ДПМНЕ, бараше поништување на гласањето на ова избирачко место и исто така кажа дека сите приговори поднесени од оваа политичка партија даваат јасна слика за тоа што се случуваше на локалните избори во неделата, дека нивните претставници во избирачките одбори констатирале низа сторени неправилности.
Според Стаменковска, сите овие настани не биле карактеристични за изборите што досега биле организирани во Република Македонија.
По увидот во записниците од гласањето во избирачкото место 2806/1, седуммина членови на ДИК гласаа да се повикаат членовите на Избирачкиот одбор и на ОИК бидејќи, како што констатира претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, фали потпис во Избирачкиот список и постои несовпаѓања во бројот на потпишани гласачи во Избирачкиот список и ливчињата во четирите гласачки кутии.
Против повикувањето на Избирачкиот одбор гласаа членовите Виолета Дума и Игор Милев од СДСМ, кои сметаат дека приговорот на ВМРО-ДПМНЕ е конфузен и дека не се гледа за што подносителот бара поништување. Исто така тие двајца се повикуваат и на забелешката внесена во соодветниот записник на Избирачкиот одбор во која се објаснува дека гласачот одбил да се потпише во Избирачкиот список и не ги зел ливчињата за гласање за градоначалник и за Совет на Општина Центар.
Сашо Срцев предложи да се повикаат Избирачкиот одбор и ОИК и да се направи увид во целокупниот материјал од гласањето и за него е спорно тоа што на граѓанинот му е дозволено да гласа без да се потпише во Избирачкиот список.
– Првин се потпишува во Избирачкиот список, па се даваат ливчињата за гласање, рече тој.
Во избирачкото место 2806/1 во Општина Центар во избирачкиот список има запишано 527 гласачи.
Членовите на ДИК попладнево отфрлија приговори за Ѓорче Петров и за Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, а беше повлечен уште еден нивен приговор.
Денеска пред почетокот на седницата за разгледување на приговорите за резултатите од првиот круг од локалните избори што се одржаа во неделата ВМРО-ДПМНЕ повлече три од поднесените 43 приговори. Овие приговори се однесуваат за гласање и сумирање резултати за избирачки места во повеќе општини.
По еден приговор за неделните локални избори имаат поднесено Алијанса за Албанците за Гостивар, ТМРО за гласањето во Град Скопје и Левица за Куманово.