ДИК: Гласачките места отворени, гласањето тековно

Од:

Гласачките места се навреме отворени, а гласањето тече без проблеми на вториот круг од претседателските избори, потврди за МИА портпаролот на Државната изборна комисија Љупка Гугучевска.

Таа соопшти дека досега немаат информации за сите гласачки места и дека во тек се контакти со општинските изборни комисии.

Во Република Северна Македонија денеска се одржува вториот круг од шестите претседателски избори. Во претседателската трка се двајца кандидати.

На 3.480 избирачки места во Републикава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можат да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список.

Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Претседателските избори ќе ги следат 3.381 домашен набљудувач и околу 520 странски набљудувачи, акредитирани од ДИК.

Набљудувачи имаат акредитирано и повеќе амбасади на странски земји, како амбасадите на Руската Федерација, Франција, Велика Британија, Шведска, Унгарија, Италија, Албанија, Словачка во Македонија. Во ДИК се акредитирани и 289 преведувачи.

Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лица кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори ги доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Од независноста на државава на претседателската фотелја седнаа четворица претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и актуелниот Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.

Би можело да ве интересира

Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата

На овие избори во најголемиот дел работите ќе се решат уште во првиот круг, вели Мицкоски

Горан Наумовски

ДИК го намали бројот на советници во албанските општини, обвинува ДУИ

Почнува дваесетдневниот увид во Избирачкиот список за локалните избори

Горан Наумовски

ДИК не го донесе упатството за пополнување на образец на листи за кандидати за членови на совети на општини и на Градот Скопје

На независните кандидати ќе им бидат потребни само два потписа од избирачи за учество на локалните избори, одлучи ДИК