ДИК: Двојните избори ќе чинат речиси 17 милиони, од кои 10.614.000 евра се за платено политичко рекламирање

Од:

Двојните избори кои ќе се спроведат во април и мај државата ќе ја чинат речиси 17 милиони евра, соопшти потпретседателката на Државната изборна комисија (ДИК), Дитмире Шеху на денешната 73 седница, на која се изгласаа вкупно 22 точки на дневниот ред.

Шеху на денешната седница образложи дека над шест милиони евра ќе одат за организирање на изборите, со обезбедување на доверлив и недоверлив материјал, транспорт, паричен надоместок за избирачките органи, односно на членовите на општинските изборни комисии, избирачките одбори, додека за платено политичко рекламирање за двојните избори се предвидени 656 милиони денари или над 10.614.000 евра.

– Ќе наведам колку средства ќе бидат потрошени за парламентарни и претседателски избори, бидејќи за претседателски избори ќе се користат повеќе средства во делот на платено политичко рекламирање, затоа што во првиот круг за претседателски избори на сите учесници во изборите им следува по две евра за запишан избирач, уште еднаш да повторам на запишан избирач на избирачкиот список. Исто така и по едно евро на кандидатите кои ќе бидат во вториот круг, исто така на запишан избирач. Додека за парламентарните избори по две евра на сите учесници во избори, исто така на запишан избирач. Тука само да наведам дека од вкупните средства ги баравме од Министерството за финансии, сите средства ни се дадени, само во делот ни недостасуваат во платено политичко рекламирање, каде со самиот Министер за финансии се договоривме дека овие средства ќе ги надополнат, подоцна, бидејќи средствата за платено политичко рекламирање се плаќаат 30 дена по конечноста на резултатите, ова нема да влијае и нема да имаме проблеми во текот на организирањето на изборите, вели Шеху.

Таа истакна дека колку финансиски средства побарале, толку им се одобрени за организирање на претседателските и парламентарни избори. Членовите на Државната изборна комисија на денешната 73 седница сите 21 Предлог одлука или план кои се поврзани со организирање на двојните избори ги донесоа едногласно. Потпретседателката на ДИК, Шеху во последната 22 точка разно истакна дека јавноста е заинтересирана во делот на идентификација на гласачите и дали ДИК е подготвена за организирање на двојните избори. Таа посочи дека ДИК нејзините членови и вработени веќе една година се подготвуваат за двојните избори да поминат во фер, демократска атмосфера и да бидат безбедни.

– Идентификацијата на гласачи ќе биде со отпечаток од прст, што беше усвоено и ставено во Законот од 2020 година, но после тоа читав дека во одредени портали сум била јас спомната од одредени политички партии дека претставникот на ДУИ бил да не кажам против, правел проблеми во ДИК и не сакал да има идентификација со отпечаток од прст. Тука сте вие колеги бидејќи на седница не сум го кажала тоа и вие сте свесни и ги слушате сите седници, како што претходно кажав се јавни и да потврдите дали некогаш е разговарано на оваа тема, вели Шеху.

Таа упати демант до одредени портали кои лиферувале вакви информации.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар