Дијалогот за платите треба да се води според мерливи показатели, а не според анкети – гувернерот по протестот на ССМ

Од:

Просечната плата во земјава во 2024 година пораснала номинално за 9,2 проценти, а реално за 5,1, додека очекувањата се инфлацијата во текот на годинава да не надмине 3 проценти, посочува гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во објавен статус на социјалната мрежа Х.

Во осврт на протестот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за зголемување на минималната плата и на останатите плати, гувернерот нагласува дека е важно решенијата за растот на платите да се темелат на постојните законски рамки и на економски одржливи критериуми.

Славески потсетува дека Законот за минимална плата предвидува автоматско усогласување на минималната плата во март, врз основа на законски утврдена формула, при што е обезбеден праг од 57 проценти во однос на просечната плата. Во тој контекст, тој укажува дека меѓународните препораки, вклучително и оние на Меѓународната организација на трудот и Европската унија, упатуваат на значително пониски соодноси меѓу минималната и просечната плата.

Според гувернерот, социјалниот дијалог за платите треба да се води врз основа на објективни и мерливи показатели, а не врз основа на анкетни изјаснувања. Како клучни критериуми тој ги наведува зачувувањето на куповната моќ на работниците преку усогласување со инфлацијата, како и учеството на трудот во економскиот раст преку зголемена продуктивност.

Притоа, Славески појаснува дека корекцијата на платите треба да ја земе предвид и претходната инфлација, за да се надомести евентуалното намалување на куповната моќ, како и очекуваната инфлација, согласно прогнозите на релевантните домашни и меѓународни институции, со можност за дополнување со растот на продуктивноста на трудот.

Факт е дека платите во земјава бележат раст, а инфлацијата е под контрола. Затоа е неопходно преговорите за платите да се водат одговорно и врз основа на реалните економски услови, наведува гувернерот на Народната банка.

Би можело да ве интересира

ССМ повикува на масовен протест на 14 март: Платите мора да се зголемат

Горан Наумовски

ССМ најави протест на 14 март: Една третина од работниците со плата под 30.000 денари

Трендафилов демонстративно ја напушти седницата на ЕСС

Горан Наумовски

Синдикатите ја блокираа Владата, ќе чекаат до крај на месецов на договор за платите потоа ќе одат на генерален штајк

Катерина Ѓуровски

Синдикатите денеска ја блокираат Владата

Последна блокада на ССМ пред Владата во барање за зголемување на платите

Горан Наумовски