Тензиите во Македонија можат да ескалираат, предупредува весникот Ди Цајт, обвинувајќи го за тоа експремиерот Груевски и неговото одбивање да се откаже од власта. Европа мора да го сврти погледот кон Балканот, објавува Дојче Веле.
„Криза во Македонија, национализам на Косово, 180 министри во Босна и Херцеговина. Европа ја врти главата и регионот ѝ го препушта на Русија“, заклучува во својата колумна во весникот Ди Цајт, познатиот германски новинар и поранешен главен уредник на весникот, Тео Зомер.
Потсетувајќи на балканските војни на почетокот, како и на војните во поранешна Југославија на крајот на минатиот век, Зомер констатира дека „Високата политика повторно го заборави Балканот“.
„Европа пред две децении тргна да го европеизира Балканот. Но се случи обратното: Европа сега се наоѓа во состојба на балканизација. И повторно ја врти главата и Балканот им го препушта на неговите историски неволји: затруен национализам, рискантни територијални амбиции и етничко лудило“.
„(…) Веќе три години врие во Македонија. Тензиите меѓу мнозинството Македонци и малцинските Албанци достигнаа нова критична точка по изборите на 11 декември. Премиерот Никола Груевски и покрај изборниот пораз одбива да ја предаде власта. Тој нема намера да се откаже од неговиот гангстерски систем за прераспределба на државните пари. Некои набљудувачи стравуваат дека државната криза би можела да прерасне во граѓанска војна. „Не си играјте со оган“, го предупреди ЕУ комесарката Федерика Могерини премиерот. Во нејзиното предупредување одзвонува и стравот дека би можела да се распадне и македонската брана против бегалците кои се тргнати кон Европа“, пишува Зомер.
На Западниот Балкан, генерално, демократизацијата оди назад наместо нанапред, заклучува колумнистот на Ди Цајт. Но, вториот проблематичен тренд, според анализата, е враќањето на геополитиката, односно „ривалството на големите сили во слабата точка на Европа“.
„Турскиот претседател Ердоган се обидува со својата нео-османска надворешна политика да го поврати влијанието на Блискиот Исток и во Централна Азија, но е чест гостин и во некогашните турски поседи на Балканот. Русите под раководство на Путин се обидуваат да си го повратат некогашното влијание во православните држави. Во Србија, со која имаат договор за стратешко партнерство, учествуваат во воени маневри на границата кон Хрватска. Во Бугарија и во Македонија расте благонаклонетоста кон Кремљ“.
„(…) А што прави Европа? Повторно гледа на страна. Во прв ред гледа кон североисточна Средна Европа, на Балтикот и во Украина. Им дава милијарди на балканските држави, чија трговија во најголем дел се одвива кон ЕУ. Но ќе мора да стори далеку повеќе, ако не сака Балканот повторно да стане буре барут. Ќе мора повторно да прогледа, наместо да ги држи очите затворени“.