Како сведок на одбраната денес на судењето за убиството на ракометарот Денис Тот сведочеше Рената Соколовска, девојката која повикала Итна помош. Таа рече дека го познавала ракометарот Тот, излегувале во иста дискотека. Вечерта пред да биде убиен Тот, кусо време седела на истата маса заедно со него и тројцата обвинети. Сведочи дека во еден момент Тот и Андреј Костовски, третообвинетиот, се скарале.
„Андреј се закара нешто со Тот на сепарето каде што седеа. Не сум сигурна дека се искараа, но така ми изгледаше. Прашав другар на Денис што е работата, ми рече ништо, ништо“, рече Соколовска.
Таа не била сведок на тепањето пред дискотеката оти во тој момент, како што објасни, била кај нејзиниот автомобил, паркиран подалеку од влезот на дискотеката. Но, кога забележале дека има некаков метеж, застанала да види што се случува.
„Видов како Келементина мава во нешто, не бев сигурна дали шутира предмет или човек, не се гледаше убаво. Поздастанав да видам, видов како таа пак се враќа, маваше во него, не можев ни да претпоставам дека некој може да мава во човек. Излегов и видов дека е човек и дека е Денис. Викав Денис, Денис, не реагираше. Не знаев дали паднал сам или нешто друго се случило. Повикав Итна помош. Ми личеше дека им треба многу време да дојат, но другите ми кажаа дека поминале десет минути. Јас се јави три – четири пати пред да дојдат. Андреј му даваше вештачко дишење. Анџело беше тука, се обидуваше да го разбуди“, сведочеше Соколовска.
Денис Тот, според нејзиното сведочење, често доаѓал во дискотеката, се случувало да биде пијан но никогаш не правел неред. Дека нешто се случило во дискотеката пред да излезат, сведочеше и Виктор Серфимовски. Тој рече дека сите пиеле виски и Денис Тот, исто како исамиот сведок, биле пијани.
„Цело обезбедување дојде внатре, ни пристапи. Починатиот одеше по маси, од маса на маса, беше во видно алкохолизирана состојба, и јас бев“, рече Серафимовски.
Пред судот рече дека не знае дали одејќи од маса на маса Тот ги вознемирувал останатите гости, но оти било доцна решиле да си одат. Тој излегол прв од дискотеката и не забележал како се случило Тот да заврши на земја.
„Се слушна галама, викање, како расправија. Анџело зад мене некому му рече ‘што ме маваш бе’. Не мислев дека е нешто сериозно. Кога се свртев дечкото беше на земја“, рече Срефаимовски објаснувајќи дека не видел дали некој го удира оти погледот му го попречувало такси возило. Си заминал заедно со Андреј и третиот сведок на одбраната Даниел.
Бранителите на денешшното судење кажаа дека обвинетите немале заеднички мотив да го убијат Тот, туку едноставно за да заштедат, оти живеат во иста населба, решиле во едно такси да си одат дома кога се случила тепачката. Нивниот став е и дека ниту еден од ударите на обвинетите не бил смртоносен. Смртоносен бил ударот во теменотилната регија, од падот.
27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот, кој играше за РК „Бутел“ почина во април годинава по тепачка пред дискотека во Скопје. За неговото убиство од април годинава во притвор се 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски.