Детектор: Две третини од граѓаните поддржуваат членство во Европската Унија

Од:

Две третини од граѓаните ќе гласаат за влез на земјава во Европската Унија доколку утре се одржи референдум за тоа, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за емисијата „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според истражувањето, доколку утре се одржи референдум, 65,5 отсто од граѓаните ќе гласаат за влез на земјава во ЕУ, додека 17,2 отсто би гласале против.

Во септември лани, 67,4 отсто рекле дека ќе гласаат за влез на земјата во ЕУ, а намалувањето на поддршката од 1,9 процентни поени е во рамките на т.н. маргина на грешка.

Слична е ситуацијата и кај евроскептиците. Таму, за нешто помалку од шест месеци, бројот на противници на влезот во ЕУ се намалил за само 0,1 процентен поен.

Вкупно 36,7 отсто од граѓаните очекуваат земјава да добие датум за старт на преговорите во мај, додека 46,3 отсто се на ставот дека земјава во мај нема да ги почне преговорите.

Доколку нема преговори во мај, 30,3 отсто од граѓаните сметаат дека вината за тоа треба да се лоцира во власта, а 17,6 отсто во опозицијата.

Дури 16,5 отсто сметаат дека вина за тоа треба да носат одредени земји членки, додека 8,1 отсто вината ја бараат на друго место.

На истото прашање, ИПИС за Детектор спроведе истражување во јавното мислење и во септември. Тогаш, вината во власта ја лоцираа 34,7 отсто од анкетираните или за 4,4 процентни поени повеќе од последното истражување.

Се намалил и бројот на граѓани кои вината ја лоцираат во опозицијата и тоа од 19,7 отсто во септември лани на 17,6 отсто во анкетата спроведена на крајот од минатиот месец.

Слично е движењето на расположението на граѓаните кои сметаат дека забелешките не се оправдани.

Од 26,7 отсто во септември лани, бројот на граѓани кои сметаат дека забелешките не се оправдани се зголемил на 31,1 отсто.

За сметка на тоа, за околу 6,5 процентни поени се намалил бројот на граѓани кои немаат одговор.

Дури 58,4 отсто од граѓаните Европската Унија ја гледаат како единствена опција за иднината на Северна Македонија, додека 18,6 отсто од анкетираните мислат дека земјава има и други алтернативи.

Од нив 4,7 отсто сметаат дека тоа треба да биде Евроазискиот сојуз, 2,6 отсто да не се членува во сојузи, а 1,9 отсто сметаат дека најдобра алтернатива би била Балканскиот сојуз.

Дури 0,8 отсто сметаат дека тоа е Кина, а 0,6 отсто имаат друга алтернатива. За сметка на тоа, за околу шест месеци, бројот на граѓани кои немаат одговор на ова прашање се намалил за 6,5 процентни поени.

Истражувањето беше спроведено преку телефонска анкета во периодот од 28 до 31 јануари годинава врз репрезентативен примерок од 1.083 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3 отсто.

Би можело да ве интересира

Анкета на ДУИ: Бујар Османи сигурно влегува во вториот круг во изборот за претседател

Орце Костов

Пад на поддршката за членство во ЕУ, само 24 отсто од граѓаните даваат поддршка за уставните измени

Горан Наумовски

(ВИДЕО) И „вмровците“ и „сдсмовците“ ја сметаат Бугарија за најголема закана, а Србија е најголем пријател за граѓаните

Орце Костов

Се помалку Руси ја поддржуваат војната

Горан Наумовски

Анкета: Поддршката за инвазијата на Путин кај Русите првпат паѓа под 50 отсто

А1он

Гаревски испитува за паниката и стравот од битолскиот земјотрес од минатиот месец и скопскиот од 1963

Маја Илиевска-Пачемска