Министерката за правда Рената Дескоска преку видео-конференција со нејзини колеги од неколку европски држави споделила искуства поврзани со справување со ситуацијата со Ковид-19, кои пред сè, се однесуваат на правосудниот и затворскиот систем.
Од Министерството за правда соопштија дека таа во своето обраќање, истакнала дека мерките коишто се преземаат во областа на правдата во земјава, се мерки и решенија коишто во голема мера се идентични со оние од европски држави.
– Дескоска потенцираше дека во поглед на постапувањата во судовите и обвинителствата, Република Северна Македонија ги искористила искуствата од Австрија, според кои судовите и обвинителствата постапуваат исклучително само за итните предмети и оние за кои постои опасност од застарување, наведоа од Министерството.
Имено, министерката за правда ги споделила искуствата и решенијата преземени во поглед на запирањето на извршувањето, со кои им се помага на граѓаните во овој тежок период.
На видео-конференцијата учествувале австриската министерка за правда Алма Задиќ, албанската министерка за правда Етилда Ѓонај, претставници од српското и босанското Министерство за правда, директорот на Одделот за ЕУ и меѓународни односи од Министерството за надворешни работи на Холандија, Роб Хујсер, како и претставници од италијанското и француското Министерство за правда.