Македонија денеска ќе го достави барањето за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски. Министерката за правда Рената Дескоска Треневска рече дека барањето за екстрадиција на осудениот експремиер е комплетирано и ќе биде испратено до унгарските власти.
Министерката рече дека од медиумите се информирала дека Груевски добил азил, но дека и да добил азил, тие сепак ќе го испратат барањето. Во документите кои Македонија ќе ги испрати до Унгарија се пресудата, 4 обвиненија, истрагите и една предистражна постапка.
„Постапките за азил траат долго, освен ако не спровеле екстремно брза постапка“, рече министерката.
Според неа, постапката за азил е приоритетна во однос на постапката за екстрадиција.
Министерката рече дека нема дилема дека има правна основа Македонија да бара екстрадиција.
„Ова не е прв случај со Унгарија да комуницираме. Дури и со необразложени барања сме немале проблем“, рече Дескоска.
Таа рече дека од медиумите ја чула изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Груевски излегол од Македонија легално со документи.
Васко Маглешов