Годинешното одбележување на Меѓународниот ден на младите се фокусира на прашањата поврзани менталното здравје на младата популација.
Честопати младите луѓе кои се соочуваат со ментални проблеми се стигматизирани и дискриминирани во општеството.
Токму затоа, на овој ден се покренуваат бројни активности со цел да се подигне свеста на јавноста во однос на младите кои се соочуваат со ментални проблеми, но, и да се истакнат искуствата на храбрите поединци кои се решиле да проговорат за своите проблеми и за поддршката која што им е потребна.
Според младинската група на „Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА“, грижата за менталното здравје подразбира подеднаква улога на сите засегнати страни. Родителите треба да поминуваат квалитетно време со своите деца, а стручните служби во училиштата треба да реагираат на сите промени во однесувањето на младите и со тоа да им помогнат. Исто така, многу е важно и постојаното подобрување на услугите кои што ги нудат државните институции од областа на менталното здравје на младите.
Генерално собрание на ОН во 1999 година го востанови 12 август како Меѓународен ден на младите, посветен на младинските прашања и афирмирање на потенцијалот на младите како партнери во глобалното општество.