„Денешниот ден треба да ги засрами сите, а најмногу пратениците“ – ССМ го блокираше Собранието

Од:

Сојузот на синдикати денеска ја реализираше првата од најавените таргетирани блокади што ќе ги спроведе во следните денови барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 6.000 денари. До почетокот на собраниската седница беа блокирани влезовите на македонското Собрание затоа што, како што беше кажано, пратениците повеќе од една година не ги носат измените за минималната плата и остануваат имуни на најновата иницијатива на ССМ за намалување на функционерските плати за 80 проценти.

– Денешниот ден треба да ги засрами сите, а најмногу оние 120 избрани пратеници. Мислам дека токму денеска на седницата која ќе ја имаат треба да предложат зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати работнички плати за најмалку 6.000 денари или за разликата од претходната минимална плата и новата минимална плата која ќе ја изгласаат, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Доколку тоа не го сторат, ССМ најавува собирање на 10.000 потписи со кои ќе станат овластен предлагач и ќе побара намалување на функционерските плати.

– Не осудуваа дека иницијативата на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти била неуставна, затоа што ќе дошле на минималец. Прашуваме јасно и гласно како тоа ако ги намалат за 9,2 проценти коефициентите ќе биде уставно, а неуставно ќе биде да ги намалат за 80 проценти нивните коефициенти, да ја променат нивната основица со минимална плата наместо сегашната просечна плата, рече Трендафилов.

Синдикатот, како што посочи, ќе продолжи со таргетираните блокади на кои согласно закон не се потребни многу луѓе. Во четврток ќе биде блокирана Стопанската комора, а следниот вторник Владата.

– На 28 јануари, на големиот работнички протест, кажавме дека тој е само почеток. Кажавме дека ќе правиме таргетирани блокади, за кои се потребни многу малку луѓе. Согласно Законот за јавни собири, потребни се 21 човек на улица за да се блокира одредена институција. Тоа ќе го правиме и наредните денови. Веќе во четврток ќе го блокираме приодот до Стопанската комора, а наредниот вторник, кога Владата ќе има седница, ќе ја блокираме и Владата, рече Трендафилов.

Синдикатот не ја исклучува можноста и за организирање генерален штрајк. Нивните барања за зголемување на минималната и на сите останати плати ги темелат на растот на животните трошоци и на растот на синдикалната потрошувачка кошница.

Би можело да ве интересира

Патните трошоци на пратениците на месечно ниво се повисоки од минималната плата на еден работник, вели Пешевски

„Пратениците го блокираат законот за минимална плата“ – Синдикатите го блокираат Собранието

Катерина Ѓуровски

За повисоки плати, блокада на синдикатите пред Собранието

Катерина Ѓуровски

Синдикатите ќе блокираат, пратениците ќе дојдат пешки или порано

И УПОЗ утре ќе биде на блокадата на Собранието

„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев“ – Собранието утре под блоката на Синдикатите

Катерина Ѓуровски