Неопходно е судската фела да се консултира за носење закони и нивните забелешки да се прифаќаат од Собранието, порача претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во обраќањето на одбележувањето на 31 март, Денот на правосудството на Република Македонија.
– Независното и непристрасно судство е носечки столб и гарант за демократијата и владеењето на правото и затоа е неопходен преманенетен развој и прогрес. Потребата континуирано да се развива независното, непристрасно и самостојно судство е неминовна, а носењето закони по скратена постапка доведува до правна несигурност, рече Вангеловски.
Тој нагласи дека независноста и самостојноста на судската власт во земјава е обезбедена преку повеќе уставни средства, а се штити и со бројни меѓународни документи, бидејќи, како што кажа, домашното судство речиси целосно е усогласено со меѓународните стандарди.
– Понатамошниот развој на судството во Македонија треба да се темели на обезбедување функционални и соодветно избалансирани закони за да се спречи злоупотреба, посочи Вангелвоски.
Нагласи дека законско право на судијата е да не одговара за дадено мислење во судската постапка и додаде дека Судскиот совет со невидена леснотија ги прифаќа забелешките за пресудите на судиите.
– Незамисливо е Судскиот совет, кој е составен од пензионирани судии, да се впушта во оценка на носењето на судските одлуки, бидејќи независното и ефикасно судство е заштитник на правото и слободите на граѓаните, посочи Вангеловски и додаде дека затоа е неопходно сите вработени во судството да бидат задоволни од платите.
Судиите во вршењето на својата дејност, потенцира, треба да бидат слободни и независни, а евентуално нивно разрешување треба да се примени само ако претходно им се изрекувани поблаги казни.
– Не постои општество каде нема постојани обиди за мешање во судството. Влијанијата врз судиите се можни, но ако се држат до законот и моралот не постои начин да се влијае врз нив. Обидите за притисок врз судиите не можат да се исклучат во ниту едно општество, но битна е издржливоста на судиите. Затоа треба да знаат дека законодавната и извршната власт се минливи, но судската власт е трајна и треба да суди непристрасно. Политиката е надмоќна во дефинирањето на правото, но судството е надмоќно во неговото спроведување, порача претседателот на Врховниот суд.
Истакна дека одвојувањата за судството кај нас во висина од оклу 0,35 отсто од БДП не се доволна гаранција за независно судство и додаде дека треба да се стремиме што поскоро да се достигне предвидената рамка од 0,8 проценти од БДП.
– Заклучоците на Прибе за македонското судство се сериозен показател дека треба да се активираат сите мерки за заштита на судството и неговата независност. Ќе преземеме секаков вид на мерки и активности за да се надминат овие забелешки, бидејќи судската власт констинурано е потенцирана како една од клучните забелешки за напредокот на Македонија, рече Вангеловски.
Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет рече дека Британија е секогаш тука за да ги сподели своите искуства со Македонија и додаде дека судиите имаат една од најбитните улоги во секоја демократија.
-Вашите одлуки влијаат врз животите на луѓето, врз деловното работење, водењето на државата, институциите и граѓанското општество во целост. Вашите одлуки и способност да дадете отпор на било каков несоодветен притисок или влијание се во самиот центар на демократскиот и еконосмкиот развој на Македонија, им порача Гарет на судиите и додаде дека така е секаде во демокртскиот свет.
Владеењето на правото, потенцира ги заштитува слабите од нападите на појаките.
– Целокупниот напредок на едно општество зависи од тоа. Владеењето на правато е од клучна улога и за политичката дебата во Македонија, за Пржинскиот договор и за соодветен излез од политичката криза. Многу е важно дали со еден предмет соодветно се постапува во судскиот систем или се одолговлекува. Битно е секоја пресуда да се заснова на закон, а не да биде предмет на надворешни притисоци, порача Гарет и нагласи дека е исклучително важно правдата да биде транспарентна, предвидлива и да го почитува начелото за владение на правото.
Селективната правда, посочи, ќе има лош ефект врз Македонија и негативно ќе влијае на вашето реноме како професионалци.