По повод Денот на Европа делегацијата на Европската Унија во земјава организираше настан пред платото на Градската општата болница „8 Септември“, кој почна со кревање на знамињата на Македонија и на ЕУ, по што се оддаде почит со едноминутно молчење за жртвите од Ковид-19.
На настанот се обрати премиерот Оливер Спасовски кој истакна дека денес имаме силни и големи причини за славење, да ја славиме големата идеја за Европа.
– Граѓаните на нашата земја го направија изборот и тие се горди на својот избор. Ја избравме иднината, иднината на Европската Унија затоа што е изградена на вредности во кои веруваме и кои ги практикуваме и ние. Ние припаѓаме на европското семејство, формално се уште не сме дел од ЕУ, но го почнавме патот, рече Спасовски.
Тој упати благодарност до сите земји членки на ЕУ и до амбасадорот Жбогар во координирањето на помошта што ја добивме од ЕУ и за постојната, како што посочи, континуирана 24-часовна соработка со нашето семејство ЕУ.
– Република Северна Македонија во последните три години реши сериозно да заврти нови страници во својата истроија. Излеговме од длабока политичка криза и ги возобновивме демократските инситутиции и владеењето на правото. Испорачавме конкретни и одржливи резултати во спроведувањето на ЕУ поврзаните реформи и во добрососедските односи. Станавме 30-та членка на НАТО и оваа година ги започнуваме пристапните преговори за членство во ЕУ. Следните чекори се подготвени и ќе работиме посветено со Европската Комисија и Европскиот Совет што поскоро да ја закажеме првата меѓевладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно новата методологија, истакна премиерот.
Со тоа, додаде, ја ставаме нашата земја на експресниот пат од членството во ЕУ затоа што тоа е и наш концепт, концепт заснован на зедничките основни верувања и убедувања за слободата, за демократијата и човековите права, за пазарната економија како и за остварување на фер можности врз темелите на солидарноста.
– Новиот коронавирус предизвика пустош и не соочи со несогледливи предизвици, но донесе и нешто позитивно. Јасно покажа дека европскиот контитент има заедничка судбина. Начинот на справувањето со заразата покажа дека споделуваме иста политичка култура и пракса и го истакна и високото ниво на социо-економска меѓузависност меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан кои имаат силна и непоколеблива намера еден ден да бидат рамноправни членки на Унијата, рече Спасовски, додавајќи дека земјава во овој корона период се уверила оти ЕУ ја сподели грижата и помошта со нашата земја, како да сме веќе членка во европското семејство.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар посочи дека ЕУ конечно ја води иницијативата за собирање средства за развивање на вакцина за Ковид-19 која ќе биде достапна за секого во светот, по пристапна цена.
– Тешките времиња не учат лекции, но исто така го изнесуваат најдоброто од нас, најдоброто во нашето општество, најдоброто од човештвото. Ова е причината зашто денеска го одбележуваме денот на Европа овде пред ГОБ „8 Спетември“ како претставник на сите здравствени институции, рече Жбогар кој им се заблагодари на жените и мажите кои се во првите борбени редови во борба против пандемијата и Денот на Европа го посвети на нив.
Тој додаде дека од оваа криза излегуваме заедно – актуелните и идните земји членки на ЕУ и ќе научиме од суштинската европска вредност, а тоа е солидарноста.