„Општина Охрид реагира на тенденциозниот текст објавен на порталот А1оn во кој на приземен и шегувачки начин порталот преобјавува како што стои во текстот „чаршиски“ муабети поврзани со патувањата на охридскиот градоначалник Никола Бакрачески во странство, а кои се од службена природа.
Несфатливо е како некој поединец кој е дописник на еден медиум кој сака да се доживее како сериозен во јавноста испраќа до редакцијата во Скопје „чаршиски“ муабети и тие истите уредниците од медиумот ги објавуваат како вести.
Актуелниот градоначалник на Охрид, ако се погледнат официјалните трошоци за патувања не може да ги достигне милионските износи на неговиот претходник кои сеуште стојат како долг на општината а ги измирува новата власт во Охрид.
Само за споредба во 2013-та година по основ на службени патувања во земјава градоначалникот Бакрачески на сметка на општината потрошил само 15.000 денари односно 60.000 денари за службени патувања во странство или вкупно 75.000 денари.
Бившиот градоначалник Александар Петрески пак во 2007 година за службени патувања во земјава на сметка на општината потрошил 177.490 денари односно 527.500 денари за патувања во странство или вкупно 704.990 денари.
Ако за оваа 2014-та година за службени патувања во земјава градоначалникот Бакрачески потрошил 12.800 денари односно 189.062 денари за патувања во странство или вкупно 201. 862 денари, претходниот градоначалник Петрески во 2010 година ја оптоварил општинската каса за 56 .000 за патувања во земјава односно за цели 959.708 денари за патувања во странство или вкупно 1. 015. 707 денари.
Во текот на 2013 и 2014 година актуелниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески реализирал и неколку службени патувања кои биле во име и за интерес на Општината а за кои се откажал од секаков финансиски надомест односно истите ги реализирал на личен трошок.
Инаку, за период од 2006 до 2013 година претходниот градоначалник Александар Петрески бил на над 50 службени патувања.
Градоначалникот Никола Бакрачески од неговото доаѓање на функција до денес бил на вкупно 11 службени патувања од кои пет во мината 2013 година и шест во оваа година.
Што се однесува до “чаршиските“ муабети(кои никој не ги слушнал)а се однесуваат на професијата на Градоначалникот при што се споменува и Конгресот на кардиолози, институцијата ќе го задржи нивото и нема да се спушти во коментирање и негирање на овие измислици кои не можат да се издигнат ни до статус на “чаршиски“ муабети.
Ова е прв и последен пат Локалната самоуправа од Охрид да демантира “чаршиски“муабети објавени на национален портал а пласирани од поединец кој како што е запознаена целата охридска јавност има личен анимозитет кон локалната власт и Градоначалникот.
Во насока на објективно, точно и прецизно информирање Општина Охрид апелира за воздржување при пласирање на неточни односно неиздржани и непроверени информации кои оскудуваат со факти“, се вели во реакцијата на Општина Охрид.