Дел од пратениците побараа повлекување на Предлог-законот за абортус

Од:

Предлог законот за прекинување на бременост, кој по скратена постапка е ставен на денешната собраниска седница, предизвика реакција кај дел од пратениците кои користејќи ги деловничките можности, побараа негово повлекување.

При утврдувањето на дневниот ред на седницата, пратениците образложија дека предложеното законско решение е крајно рестриктивно и значи враќање назад, односно ограничување на правата на жената.

– Овој закон треба да се повлече затоа што е крајно рестриктивен и ги ограничува правата и слободите на жените да располагаат со своето тело и да решаваат за правото за раѓање. Тоа се уставни права и пракса со децении. Со вакви рестриктивни одредби се враќаме во некои други времиња кога некои други решавале за правата и слободите на жените. Ова не е мерка за пораст на наталитетет. Пораст на наталитетот е нешто што се прави со стимулативни мерки, а не со ресктриктивни мерки. Ова е апсолутно погрешно, рече Лилјана Поповска од ДОМ.

Таа укажа дека законот ќе предизвика низа негативни импликации и ќе се зголеми бројот на диви абортуси.

Ист став како Поповска имаа и пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија и Цветанка Иванова од СДСМ.

– Во името на основните човекови права и 20 годишната битка за женските права нека проработи свеста и овој предлог закон да се симне од дневниот ред. Да не дозволиме некој со закон да управува со нашето тело. Овој закон ќе загрози два живота – животот на мајката и на детето. Симнете го законот затоа што не е по желба на ниту една жена во Македонија, побара Иванова.

Нивните предлози за повлекување на ова законско решение не беа прифатени од мнозинството пратеници.

Седницата беше прекината по барање на координаторот на Демократската партија на Албанците Имер Алиу поради неможноста седницата да се следи на албански јазик.

Претходно, беа верификувани мандатите на новите пратеници кои доаѓаат на местото на Зијадин Села од ДПА и Изет Зеќири од НДП. За нови пратеници се избрани Беким Ќоку од ДПА и Наџин Џелили од НДП.

Седницата ќе продолжи по паузата со расправа по предлогот на Владата за именување на нови министри за образование и за труд и социјална политика и за министер без ресор и заменик-министер за локална самоуправа.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

ЛДП со иницијатива: Да се воведат лековите со кои се врши медикаментозниот абортус на позитивна листа на лекови

Доналд Трамп: Забранувањето на абортусот по 15-та недела од бременоста изгледа разумно

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов