Учениците од ОУ„Димитар Миладинов“ од Скопје и деца од мали групни домови во рамки на иницијативата „Петок за млади @ФИТР“ денеска изработуваат новогодишни украси, честитки и слики, кои подоцна ќе бидат дадени на аукција за продажба, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на дечиња од ранливите категории.
Организатор на новогодишната работилница е Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), а ментори за изработка на декорациите ќе бидат студенти од Факултетот за дизајн и мултимедија од универзитетот ФОН.
Сите работи што ќе ги направите денеска седмицата пред Божик ќе бидат дадени на аукција. Парите што ќе ги добиеме од продажбата ќе бидат на посебна сметка и потоа најверојатно ќе ги дадеме на деца кои имаат потреба од помош, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.
На работилницата учествуваа и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче кои заедно со нив изработуваат различни видови новогодишни украси и декорации.
-Министерството за труд и социјална политика постојано работи да направиме едно општество што е подобро, сите да си се прифатиме, да се сакаме и за сите деца Македонија да им понуди максимум што може, рече Царовска.
Министерот Филипче истакна дека и Министерството со кое тој раководи работи за доброто на децата, инвестира во нивното здравје, затоа што, како што рече, само така ќе имаме здрава иднина.
Фондот на ваков начин продолжува со одржување на иницијативата „Петок за млади @ФИТР“ со цел да им обезбеди на младите поинаква средина од вообичаените училници и да ги поттикне да размислуваат критички и креативно, во насока на развивање сопствени вештини и знаења, но и да се поттикне свеста за социјална одговорност и поддршка на ранливите категории граѓани.