Дебата за пензионирањето во Армијата во матичната собраниска Комисија

Од:

Исплата на дополнителни трошоци за здравствено осигурување на припадниците на Армијата во рок од седум дена по констатирање на оправданоста по тој основ, предвидува единствениот прифатен амандман од 15. поднесени на предложените измени и дополнувања на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, по скратена постапка, што денеска беа поддржани од матичната собраниска Комисија за одбрана и безбедност.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ која ги поднесе сите амандмани, повлече девет, а останатите пет амандмани што не беа прифатливи за мнозинството во Комисијата и ресорната министерка Радмила Шекеринска предизвикаа тричасовна расправа. Претежно се дебатираше за амандманите со кои ВМРО-ДПМНЕ побара можност за пензионирање на припадниците на Армијата со еден од условите, навршени 40 години пензиски стаж или 55 години возраст, како и ограничување на пет часа на ангажманот на вработени од Армијата во јавното здравство.

Како што рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев, на барање на вработени во Армијата предлагаат амандман во делот на регулирањето на условите за остварување на право на пензија, а со кој сметаат дека ќе се исправи неправда што функционира во Министерството за одбрана без оглед на тоа кој управува со него. – Предложениот член гласи – на активниот воен и цивилен персонал му престанува работниот однос по сила на закон со остварување право на пензија со навршени 40 години пензиски стаж и 55 години возраст. Ние бараме наместо „и“ да стои „или“ со тоа што еден од условите ќе биде исполнет за остварување на пензија. Ова го предлагаме затоа што ако се гледа кумулативно вработените во Армијата да ги исполнат и двата услова, и пензиски стаж и старосна граница, тогаш на еден начин на вработените не им се почитува бенефицираниот стаж односно стручно кажано зголемено времетраење на работниот однос. Ова ќе помогне за полесно и побрзо пензионирање на вработените во Армијата на Република Македонија, а од друга страна ќе отвори нови работни места за нов млад кадар што ќе значи пак нова енергија за нашата Армија, рече Димитриев.

Министерката Шекеринска, образложувајќи дека амандманот не е прифатлив, нагласи дека предлогот е малку лицемерен затоа што ВМРО-ДПМНЕ имале можност да направат такво нешто во тек на 11 години додека беа на власт. Лесно да се зборува, посочи министерката, без да се обезбеди законот да може да функционира.

– Околу пензионирањето правевме многу пресметки и дискусии. Има луѓе кои сакаат и многу помлади да се пензионираат и да најдат друга работа што е апсолутно легитимно, но Армијата треба да ги има капацитетите што и се потребни, а не само да им дадеме шанса порано да заминат во пензија. За прашањето нема НАТО стандарди и такви работи мислам да не имровизираме. Првпат условите за пензионирање ги правиме поповолни и тоа не само што го ставаме во закон, туку обезбедуваме и пари. Ако сметавте дека ова е нешто што треба да се вгради за тоа имавте 11 години. Зошто не обезбедивте пензионирање во Армијата согласно со правилата во Министерството за внатрешни работи? Затоа што и самите сте свесни дека тоа е тешко и скапо, рече Шекеринска.

Таа дополни дека првпат во законот е вградена одредба со која што припадниците на Армијата ќе можат при пензионирање да искористат 80 проценти од нивните десет најдобри години, што, потенцираше, чини пари, што веќе се ставени во државниот Буџет. Армијата ги направи пресметките, има луѓе не сакаат да одат предвреме во пензија, има луѓе што сакаат, и на сите не можеме да им удоволиме, наведе министерката.

Објаснувајќи зошто не е прифатлив амандаманот да се нормира и да се ограничи на пет часа ангажманот на вработени од Армијата во јавното здравство, потенцираше законите не треба да се бирократизираат, туку да се даде шанса на луѓето за дополнителни приходи и искористување на нивните капацитети.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со амандман побараа и предложените измени и дополнувања да стапат во сила од почетокот на следната година, а не како што е предвидено со Предогот од март 2020 година. На тој начин, како што оценија, ќе се отфрли сомнежот за предизборна корупција со оглед дека пред изборите на 12 април согласно со овој закон ќе почне да се исплаќа станарина за припадниците на Армијата.

Таквите оценки на опозицијата ги отфрли министерката Шекеринска, која во прилог на тоа наведе дека законот со содржината за новините што ќе следат бил поставен на Единствениот национален електронски регистар уште на 5 август годинава пред да биде дефиниран датумот за избори. Можноста што се пропишува во законот Министерството за одбрана да стипендира критични специјалности исто така беше причина за барање за амандманска интервенција од опозицијата, која смета дека основа за тоа треба да има во Законот за одбрана, апотоа да биде рзработен во законот за служба во Армијата.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови